Голем пожар го зафати Националниот парк Галичица. Дел од пожарот е ставен под контрола, но поради непристапноста на теренот дел од паркот гори. Според првичните проценки изгорени се над 300 хектари шума.
Командирот на територијалната против пожарна единица Ристе Илиевски во изјава за МИА информира дека на терен биле со четири противпожарни возила и осум пожарникари, а на помош дошле и пожарникари од Битола и Охрид со по едно возило.
– Дежурни екипи на националниот парк Галичица и Ресенската пожарна се на терен во случај да дојде проширување на огнените јазици кон викенд населбата Сирхан и Прељубје, изјави Илиевски.
Освен овој пожар, преспанскиот регион попладнево бил зафатен со уште два поголеми пожари, еден во близина на паркот на природата „Езерани“, каде горела трска и од другата страна на Преспанското Езеро кон селото Долно Дупени кај Маркова Нога. Градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски посочи дека поголем дел од пожарите се под контрола, но состојбата со Националниот парк Галичица е серизона.
– Во Националниот парк Галичица денеска изгореа над 300 хектари шума. Сега пожарот е под контрола, освен во еден дел каде што нема пристап. Во близина на туристичка населба Сирхан нема опаснот. Ги информиравме Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Во разговор со нив денеска немаше услови за пуштање на авионите за гасење на ДЗС поради силниот ветар не беше возможно да интервеираат. Согласно условите утре доколку има потреба ќе се реагира, изјави Гошаревски.
Општинскиот координативен штаб, со кој заседава градоначалникот, вечерва имаше состанок.