Во петок ќе се соочат републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, а во врска со поведената дисциплинска постапка против обвинителките.
Седницата на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност била закажана за 23 февруари, но истата била одложена за 3 март, по барање на обвинителката Русковска.
Од Обвинителството за ,,Фокус” појаснуваат дека на седницата ќе се сослушаат поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и обвинителките Трајчева и Јосифовска, за кои кон крајот на минатата година беше донесено решение за поведување дисциплинска постапка.
-На седницата беа повикани подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност – Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и трите јавни обвинителки, кои имаат право во оваа фаза на постапката да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог.
Меѓутоа, расправата беше одложена, бидејќи поранешниот основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави писмен поднесок до Комисијата со кој побара одлагање од оправдани причини. Седницата е презакажана за 03.03.2023 година, ни одговорија од Обвинителството.
Постапувајќи по предлогот на Јовески, Комисијата првично одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.
Дисциплинската постапка против трите обвинителки следуваше за нивното постапувањето во случајот поврзан со претресот во Управата за финансиска полиција.
Предметот кој го отвори обвинителката Русковска против екс директорот на Управата, Арафат Муареми, пак, премина во рацете на обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи според републичкиот обвинител Јовески, од старт за овој случај бил надлежен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Валентина Вурмо