Поп музичарот Ѓоко Ѓорчев го најави својот концерт во родното Неготино, а истиот ќе се одржи овој петок, со почеток од 21.30 часот. Станува збор за настан со кој ќе одбележи јубилеј – 35 години на сцената, и ќе се случува на старата чаршија во градот, каде ќе биде поставена бина.
Пред бината пак, ќе бидат поставени маси од околните кафулиња, за да можат гостите да го проследат концертот разладувајќи се со пијалоци.
За ,,Фокус” Ѓорчев вели дека подготвил многу изненадувања, а на сцената покрај него ќе се појават звучни естрадни имиња.
-Многу музички гости, многу песна и забава која ќе трае до еден часот наутро, тоа можат да го очекуваат сите кои ќе ми дојдат на концертот. Ова е мој јубилеј, 35 години професионално музицирање, иако сум со микрофонот речиси 50 години, кога уште како тинејџер започнав аматерски да се занимавам со музика.
Многумина ме прашуваат зошто ќе го одржам концертот баш во Неготино, им одговарам дека јас си ги знам корените, од тука започнав и не заборавам кој секогаш стоел покрај мене. Концертот го насловив ,,За Неготино со љубов”, и како и на секој мој настап, ќе се пее од се срце, со љубов!
Во овие неколку децении имав гостувања во многу земји, секогаш достоинствено ја претставив и ја промовирав Македонија, јас и моите песни и припаѓаме на целата земја, но Неготино ми е во душата- вели музичарот.
Минатата година кон средината на октомври тој исто така одржа концерт во старата чаршија во градот, и настанот прилегаше на една голема дружба со публиката, со која Ѓорчев комуницираше во тек на целиот настап, а се кажуваа и анегдоти во кои се вклучија и гостите.
-Овој концерт е помогнат од мои пријатели, неготинци од бизнис секторот кои несебично се понудија да се вклучат во организацијата, затоа што веруваат во мене, и како што ми кажаа, јас доволно правам за промоција на градот, а Неготино заслужува што е можно повеќе културни настани- раскажува музичарот познат во јавноста и како македонски Том Џонс, поради сличната боја на гласот со светската музичка ѕвезда.
Иако има 67 години, тој неодамна им се врати на настапите во живо и ги полни локалите. На секое гостување успева да приреди шоу за гостите и да ги разигра, и вели дека енергијата ја црпи од верната публика.
Вики Клинчарова