Од денеска почнуваат дополнителните обуки и повторни обуки за сите претседатели и нивните заменици на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди. Планирано е тие целосно да завршат до петок. Ова денеска го соопшти членот на ДИК Борис Кондарко на 30-та седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Тој ги повика сите претседатели и нивните заменици на избирачките одбори задолжително да дојдат на обуките, а нивните работадавачи од државната и јавната администрација да ги ослободуваат од работа за таа намена.
Кондарко информира дека ДИК обезбеди соодветен број лица за техничка поддршка за работа на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе бидат распоредени во секоја општинска изборна комисија, сразмерно на бројот на избирачките места. Дел од овие лица се обезбедени преку компанијата „Дермалог“, преку МИОА и преку јавен повик на ДИК.
-Гласачкиот материјал деновиве е целосно подготвен и веќе од денеска е почнат транспортот и дистрибуцијата на недоверливиот избирачки материјал до сите општински изборни комисии. Додека доверливиот избирачки материјал, каде спаѓаат гласачките ливчиња и избирачките списоци, кои се комплетно завршени, ДИК со обезбедување од полицијата в четврток ќе го достави до сите општински изборни комисии, каде ќе продолжи да биде обезбедуван од полицијата, рече Кондарко.
В петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави сите уреди за апаратите за отпечаток од прст во сите општински изборни комисии, кои и таму ќе бидат соодветно обезбедни од полицијата. Додаде дека уредите за биометриска идентификација на гласачите се комплетно подготвени и наполнети со отпечатоците од прсти на гласачите од избирачкиот список, добиени од страна на МВР.