Во пензија ќе заминат 60 судии и 13 обвинители, многу судски постапки ќе почнат одново

by Fokus

Ако не бидат изгласени измените на Законот за работни односи ќе им заврши работниот век на судиите и обвинителите кои се пред пензионирање, изјави министерот за правда Никола Тупанчески кој рече дека не може да каже како ќе се одвиваат работите во Собранието и кога ќе продолжи седницата што вчера беше прекината, но дека е извесно дека тоа нема да се случи денеска затоа што пратениците ќе расправаат за интерпелацијата на собранискиот претседател Талат Џафери.

Тој додаде дека не знае колкав е во моментов бројот на судските постапки кои би почнале повторно, но нагласи дека не се работи за мала бројка, а иницијативата на владејачкото мнозинство со која треба да им се продолжи работниот векот на 60 судии и 13 обвинители предвидено е да се направи со законско продолжување на рокот на нивното пензионирање.

Во правосудството, објасни министерот има голем број на стручни соработници, кои ги исполнуваат условите да станат нови судии и обвинители, но и дека не можат тоа да го остварат затоа што треба да се направат измени во регулативата.

– Втората опција е да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, исто така некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција беше оваа со измени на Законот за работни односи меѓу другото да се продолжи, меѓутоа потенцирам да се продолжи три години работниот век на судиите и јавните обвинители. Ова го велам затоа што првпат во историјата на државата се случува во еден ваков момент олкав голем број на судии и јавни обвинители да одат во пензија, рече Тупанчески.

Според податоци на УПОЗ има над 300 стручни соработници во судовите и во јавните обвинителства, кои ги исполнуваат условите за избор на судии и обвинители.

Владејачкото мнозинство вчера не успеа да ги донесе измените на Законот за работни односи. Со пензионирањето на судиите многу тековни судски предмети ќе се вратат на почеток.

 

Поврзани новости