Во собранието ќе се вработуваат нови луѓе, а дел од постојните ќе се унапредуваат со цел нивна поголема ефикасност и стручност. Според измените на Законот за собрание, кои денес беа изгласани во парламентот, ќе се формира и собраниски совет како стручно помошно тело на генералниот секретар на Собранието за да прави прецизна анализа за функционалноста на собраниските служби.
-Токму овој парламентарен состав во заминување стави печат зашто направи основа за натамошно подобрување на Собранието, а консензуалноста за овој случај треба да биде пример во натамошното функционирање и уредување на системот во државата – рече спикерот Талат Џафери.
И опозициските пратеници изразија задоволство од меѓусебната соработка. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот за Собранието е доказ дека низ дискусија и разговори се доаѓа до заеднички решенија за добро на сите.
-Со донесувањето на овој Закон, сегашниот парламентарен состав ќе го заокружи својот мандат и ќе ја запечати досегашната заложба на Собранието да стигне до позицијата која му е определена со Уставот, до она за што постојано се залагало – да биде независна институција. Законот ги овозможува потребните махнизми за управување на Собранието независно кое мнозинство натаму ќе го предводи – рече Мицевски.