Во организација на Македонското друштво „Македонија“ од Ешалан, на 15 јуни 2024 година, сабота, од 11 до 23 часот, во градскиот парк спроти железничката станица (Place de la Gare 1040 Echallens) ќе се одржи културната манифестација Македонски ден со „Македонска свадба“.
Организаторот планирал оваа културна манифестација да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година, со цел презентација на македонската култура и историја пред месното население и швајцарската јавност.
– Културната манифестација Македонски ден „Македонска свадба“ содржи богата културно-уметничка програма: настап на Елена Велевска и Романтик бенд; сплет од ора и песни на четири културно-уметнички друштва од Македонија, Швајцарија и Словенија; презентација на македонската свадба како главна атракција со сите адети од стари крај; презентирање на македонската култура и традиција и рецепти од домашната храна и македонски пијалоци; презентација на македонска меана; богат музички дел, забава во различни жанрови за целата публика; како и изложба на фотографии и слики од Македонија.
На културната манифестација се очекуваат високи гости од Македонија и Швајцарија.
Организаторот изразува задоволство од активизмот на сите членови на Македонското друштво „Македонија“ од Ешалан, заради успешно одржување на културната манифестација и претставување на македонската култура, секому да се доближи Македонија како македонски народ, јазик, култура и историја, наведено е во најавата за настанот.
– Да ја донесеме Македонија во маалото на иселениците, да ја претставиме Македонија на овие простори од Швајцарија – се вели во изјавата на Македонското друштво „Македонија“ од Ешалан.
Вики Клинчарова