Авел Дуров, руско-француски милијардер, основач и извршен директор на апликацијата за пораки Телеграм, е уапсен во саботата вечерта на аеродромот Бурже во близина на Париз, објавија ТВ TF1 и BFM TV, повикувајќи се на свои извори.
Дуров патувал со својот приватен авион, објави ТФ1 на својата веб-страница, додавајќи дека во Франција е издаден налог за апсење како дел од прелиминарната полициска истрага.
TF1 и BFM рекоа дека истрагата е фокусирана на недостаток на модератори на Телеграм и дека полицијата верува дека оваа ситуација дозволува криминалните активности да се одвиваат непречено на апликацијата за пораки.
Дуров денеска ќе се појави пред судот.
Француската ОФМИН, агенцијата задолжена за спречување насилство врз малолетници, издаде налог за апсење на Дуров во прелиминарна истрага за наводни прекршоци, вклучувајќи измама, трговија со дрога, онлајн насилство, организиран криминал и промовирање тероризам, рече еден од изворите.
Дуров беше обвинет дека не преземал мерки за спречување на криминалната употреба на неговата платформа.
„Доста е со неказнивоста на Телеграм“, рече еден од истражителите, додавајќи дека се изненадени што Дуров дошол во Париз знаејќи дека е баран човек.
Апликацијата за шифрирани пораки, со седиште во Дубаи, се позиционираше како алтернатива на американските платформи, кои беа критикувани за комерцијална експлоатација на личните податоци на корисниците.
Телеграм вети дека никогаш нема да открива никакви информации за своите корисници.
Шифрираната „Телеграм“ со близу милијарда корисници е особено влијателна во Русија, Украина и републиките на поранешниот Советски Сојуз. Рангирана е како една од главните платформи за социјални медиуми по Facebook, YouTube, WhatsApp, Instagram, TikTok и Wechat.
Дуров е роден во Русија и ја основа Телеграм со својот брат во 2013 година.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Телеграм стана главен извор на нефилтрирани, а понекогаш и експлицитни и погрешни содржини од двете страни за војната и политиката зад конфликтот.
Платформата стана она што некои аналитичари го нарекуваат „виртуелно бојно поле“ во војната, што интензивно го користат украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите претставници, како и руската влада.
Телеграм, која им овозможува на корисниците да ја избегнат официјалната контрола, исто така стана едно од ретките места каде што Русите можат да пристапат до независни вести за војната откако Кремљ ги зголеми ограничувањата за независните медиуми по инвазијата на Украина.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека руската амбасада во Париз ја разјаснува ситуацијата околу Дуров и ги повика западните невладини организации да побараат негово ослободување.
Русија почна да го блокира Телеграм во 2018 година, откако апликацијата одби да се усогласи со судскиот налог да им овозможи на државните безбедносни служби пристап до шифрираните пораки на своите корисници.
Блокирањето прекина многу услуги од трети страни, но имаше мало влијание врз достапноста на Телеграм во Русија. Сепак, наредбата за забрана предизвика масовни протести во Москва и критики од невладините организации.
ТФ1 соопшти дека Дуров отпатувал од Баку во Азербејџан и бил уапсен околу 20 часот.
Дуров, чие богатство Форбс го проценува на 15,5 милијарди долари, рече дека некои влади се обиделе да го притиснат, но апликацијата треба да остане „неутрална платформа“, а не „играч во геополитиката“.