Автобус со дваесетина патници слета денеска во реката Инд во северен Пакистан, при што загинаа најмалку 18 лица, соопштија властите.
Несреќата се случила во регионот Гилгит Балтистан додека автобусот се движел кон Чаквал, град во провинцијата Пенџаб, изјави владиниот портпарол Фаизулах Фаркан.
Тој рече дека потрагата по телата продолжува и оти досега само една жена е пронајдена жива и е на болничко лекување.
Полицијата соопшти дека не е јасно што ја предизвикало несреќата, а полицајците допрва треба да земат изјава од единствениот преживеан.
Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари изрази сочувство и побара од спасувачите да ги забрзаат напорите за пронаоѓање на исчезнатите патници.
Сообраќајните несреќи се чести во Пакистан поради лошата инфраструктура и непочитувањето на сообраќајните закони и безбедносните стандарди.
Во август во две одвоени автобуски несреќи загинаа 36 лица, а десетици беа повредени.