Во Белград минатата недела беше отворена изложбата „Украина, Љубов и Војна“ која е инспирирана од истоимената книга издадена од организацијата Фото Евиденција.
Изложбата е организирана од Фондацијата за отворено општество која е меѓу првите фондации кои ја поддржале Украина уште од 1991 година, кога Украина стана независна држава и кога новооснованата украинска демократија имала потреба од зајакнување.
Во изјава за Трн.мк извршната директорка на Фото евиденција и кураторка на изложбата Светлана Бацеванова, вели дека љубовните приказни во книгата „Ukraine: Love+war“ претставуваат светли точки во најмрачните времиња.
„Тие за цената на војната зборуваат универзален јазик. Овие приказни ни помагаат да разбереме што многу Украинци на личен план секојдневно ризикуваат да го изгубат“, рече Бацеванова.
Фотографи чии фотографии се наоѓаат на изложбата, преку изјави ги споделија сведоштвата од нивната работа во Украина.
– Ако луѓето кои ги фотографирате умрат, прво што треба да направите е да им ја дадете фотографијата на семејството, затоа што тоа е последниот спомен од таа личност. Ако сте сведок на убиство, навистина е комплицирано, но вие сте фотограф и си ја работите работата и покрај тоа што е тешко треба да се фокусирате на вашата работа и да се трудите да не гледате поинаку на тоа што се случува. Ако почнете да гледате поинаку нема да можете да го сработите. Треба само да се фокусирате и да го одработите, вели за Трн фотографката Гаел Гирберс.
За тоа колку е важна работата на фотографите за време на војна, зборуваше и фотографот и новинар Евегени Малолетка.
– Моја работа е да прaвам фотографии и да ги покажам фотографиите на светот. Да бидам гласот на народот, затоа што мислам дека документите на воените злосторства во војната мора да се документираат колку што може повеќе, затоа што иако не е праведно за сите оние кои се убиени, кога сите овие фрагменти од војната ќе се соберат и луѓето нема да го заборават ова, затоа што фотографиите остануваат со нас засекогаш. Сме биле сведоци на многу работи. На смрт, на повреди и сето тоа влијае на нас и на луѓето кои работат со траума, физичка или ментална траума. Работиме на првата линија на фронтот и гледаме се со свои очи и војната влијае на нас, но имаме мисија и секојдневна задача да продолжиме да им кажуваме на луѓето дека војната продолжува и трае и сите овие слики фотографии и видеа помагаат да не се заборави, вели Малолетка.
На изложбата се прикажани 50 фотографии направени во периодот од 2014-2024 година.