Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Во октомври, познат како розевиот месец на борба против рак на дојка со месеци нема термини ни за мамографија, ни за ехо, алармираат дел од пациентките, кои се обратиле да си направат испитувања. Социјалните мрежи вријат од негативни реакции.
Системот „Мој термин“ преку кој се вршат закажувањата за овие прегледи покажува дека до крајот на 2023 година, нема ниту еден слободен термин, а веќе за наредната година не се пуштени нови термини, што значи дека сите пациентки, кои сакаат да ги направат овие испитувања немаат можност, без разлика дали е превентивно или оние кои веќе се соочиле со болеста.
„Во месецот на борба против рак на дојка, здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, а слободни термини во здравствените институции нема со месеци. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници.
Од друга страна, лекарите велат дека повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.
„Веќе една година не можам да закажам преглед на дојка, преку ехо и преку мамографија. Нели превентивно требаше да одиме на преглед за да превенираме рак на дојка, една од најраспространетите болести во Македонија? Се јавив кај матичниот гинеколог, вели: ’Нема термини подолго време, џабе се јавувате.
Пробајте преку вашиот општ матичен лекар’. Кај општиот лекар ми го кажаа истото. Ме прашаа дали имам рак на дојка и дали сум оперирана? Одговорив негативно, горда дека сум одговорна за своето здравје и сакам да се прегледам и да превенирам. Откај матичниот ме упатија да се пријавам за термин на скрининг.мк и да чекам да ми стигне смс порака. Се пријавив, чекам“, вели С. К. од Скопје.
Тоа што е уште пострашно во целата приказна е дека со години наназад, бројката на заболени од карцином постојано се зголемува и тоа за 1.500 повеќе од претходната година, што значи бројките на новозаболени на годишно ниво достигнаа над 4.500.
РАКОТ НА ДОЈКА Е ВОДЕЧКА ПРИЧИНА ЗА СМРТНОСТ
Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените во светот и во Македонија. Во просек, секоја осма жена во својот животен век ќе се соочи со оваа болест.
Воедно ракот на дојката е водечка причина за смртност и претставува глобален проблем. Но, со детекција и откривање на болеста во рана фаза, се намалува смртноста и до 30%.
Единствена докажана метода за рана детекција е мамографијата која може да го детектира карциномот во негова предклиничка фаза.
Во повеќе од 30 земји во светот постојат организирани национални програми за рано откривање на рак на дојка т.н скрининг што подразбира редовни мамографски прегледи на одреден временски интервал на жени на одредена возраст, кои се навидум здрави, односно немаат клинички симптоми на рак на дојка.
Примарна цел на раната детекција (скрининг) е намалување на смртноста од рак на дојката, подобрување на квалитетот на животот на пациентката и намалување на потребата од радиотераписки и онколошки третмани.
Поради тоа Министерството за здравство, следејќи ги препораките на Европска Унија, Светската Здравствена организација, како и примерите на повеќето земји во Европа, САД, Канада и Австралија, во април 2015 година започна да спроведува организиран скрининг.
Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. Според Министерството, до сите се испратени СМС пораки на бројот со кој се евидентирани во системот Мој термин. Во пораките кои се испратени – се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, ако за тоа имаат потреба.
Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, ако имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со рак на дојка, јајници, дебело црево или панкреас.
Министерството лани ја воведе новата патека за упатување и третман на жени за кои има сомнеж за рак на дојка, според која за жените во скрининг кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција.