Во Охрид се продавал бел леб поскап од 33 денари, не се почитувала и замрзнатата цена на тестенини и млечни производи

by Fokus

ДПИ констатира дека четири маркети во земјава не ја почитувале владината одлука за замрзнување на цените.

Од вкупно изршени над 250 надзори, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) утврдил дека четири субјекти не ги почитувале последните одлуки на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи, информираше денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

Тој посочи дека станува збор за економски субјект во Охрид, кој продавал леб по цена повисока од онаа утврдената во одлуката за забрзнување на цената на лебот до 33 денари, како и за три економски субјекти од Охрид, Битола и Кичево, кои не ја почитувале одлуката за намалување на цените на тестенините и млечните производи.

„По стапување во сила на последната одлука, односно во последните два дена, се извршени над 250 надзори на цела територија. Од надзорите е констатирано дека одлуките се почитуваат, освен кај четири економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1120 000 денари“ – изјави Трајковски.

Изрази уверување дека инспекторатот работи со својот полн капацитет и врши надзор на територија на цела држава.

„Добро е што се донесоа ваквите одлуки затоа што тие се пред се за доброто на граѓаните, но трговците не треба да чекаат да се донесат одлуки, па да намалуваат цени, апелирам онаму каде што има можност да ги намалат цените и на другите производи кои се неопходни за граѓаните. Во време на криза потребна е солидарност, а не профитерство“ – рече тој.

Трајковски порача дека инспекторатот останува на терен да следи дали се постапува согласно Одлуките на Владата.

Освен замрзнатите цени на лебот, тестенините и млечните производи, се очекува од идната недела да се направат анализи со што ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.

Поврзани новости