Српскиот трубо фолк пејач Аца Лукас вечерва ќе има концерт во Парк Голден Бич во Охрид, а монтирањето на бината е при крај. Од популарната плажа денес посетителите мораа да заминат во 17 часот, со цел да започнат подготовките за концертот на време.
Кон крајот на месец јули беше најавен концерт на музичарот на стадионот Горица во Охрид, но истиот тој го откажа откако во јавноста следеа низа на бурни реакции по повод неговото гостување.
Музичарите од земјава се жалеа дека странски пејачи заработуваат кај нас и во време на пандемија, додека нашата естрада е во криза, а пак дел од народот реагираше дека стравува од непочитување на мерките за заштита, со оглед на еуфоричната атмосфера која владее за време на неговите концерти.
Организатор на тогашниот концерт, кој беше откажан, како и на овој што треба да се одржи вечерва е ноќниот клуб Awake.
Влезниците се продаваат по цена од 600 денари, а организаторите порачаа истовремено да се почитуваат мерките и да се забавува публиката.
Вики Клинчарова