На седми октомври во Охрид ќе се отвори втор, како што го нарекуваат основачите, вториот бугарски културен клуб во Македонија, а ќе го носи името „Цар Борис Трети“.
Цар Борис бил соработник на Хитлер во Втората светска војна. На 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на т.н. „Конечно решение на еврејското прашање“.
Отворањето на здружението со неговото име е закажано за само четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државен празник 11 Октомври.
-На 7 октомври 2022 година, вториот бугарски културен центар официјално ќе ги отвори вратите во градот Охрид, Република Северна Македонија, кој ќе го носи името „Цар Борис III“. Специјален гостин на отворањето ќе биде бизнисменот, филантроп и филантроп д-р Милен Врабевски, со чија финансиска поддршка овој клуб ќе стане реалност.
Ги покануваме сите пријатели и истомисленици во 12:00 часот по локално време во трговскиот центар Аман, кат 1, соба 128, заедно да отвориме уште еден центар за градење мостови меѓу двете братски земји!, порачаа од здружението „Цар Борис Трети“.
Кога медиумите уште во август пишуваа дека здружение со вакво име поднело барање за регистрација во Македонија, тогаш од Министерството за правда тврдеа дека до нив не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружение „Цар Борис Трети”.
Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија велат дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.
Најавија и дека ќе поднесат кривична пријава, бидејќи реистрацијата на вакви здруженија значи враќање на фашизмот.
Претседателот Стево Пендаровски пак, при вчерашната посета на Софија, изјави дека односите меѓу Македонија и Бугарија се релаксирале во последниве месеци и реториката која Софија ја употребува кон Скопје е „прилично смирена“.
К.С.Б.