Пред десет дена во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција пристигнале вкупно 380 предмети од Управата за финансиска полиција, кои биле отворени по анонимни кривични пријави. Вакво барање до Управата пред два месеци достави обвинителката Вилма Русковска, односно кога беше извршен претресот поради сомнежи за незаконско работење.
Поточно, со наредбата за претрес и барањето за податоци од страна на Управата за финансиска полиција се бараа сите анонимни кривични пријави доставени до Управата од 2018 година до денот на претресот. Наводно сомнежот бил дека наменски се отворале анонимни кривични пријави, со цел да се уценуваат граѓани или правни лица.
Сега, предметот отворен по поднесена кривична пријава против поранешниот директор на Управата, Арафат Муареми, е во надлежност на обвинителката Лиле Стефанова. Од Обвинителството велат дека активно се работи на предметот.
Неодамна, токму поради овој предмет, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески подведе дисциплинска против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, а шефицата на Организиран исто така беше и суспендирана. Јовески утврди дека претресот во Управата за финансиска полиција бил незаконски, а исто така и дека за предметот требало да постапува обвинител од Специјализираното одделение, кое гони лица со полициско овластување.
В.В.