Во Њујорк утре нова рунда преговори Скопје – Атина

by Fokus

Нова рунда преговори, втори од нивното обновување, ќе се одржи утре во Њујорк меѓу преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, со посредство на медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц.

Посредникот во преговорите за името ќе се состане со преговарачите во напорите да се пронајде решение за речиси тридеценискиот спор за името меѓу двете земји, кој е кочница за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

Нимиц вчера во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека нема да излезе со нов предлог за името, туку со предлог-идеи за кои веќе се диксутирало во минатото.

– За ова прашање дискутираме повеќе од 20 години и повеќето од идеите веќе биле ставени на маса. Но, секогаш постои нов и друг начин за работите да бидат разгледани, од малку поинаква димензија. Затоа, мислам дека луѓето ќе го гледаат прашањето од малку поинакво светло. Секако, нема ништо што е сосема ново и мислам дека ова веќе сум го кажал. Не постои волшебно решение за ова прашање, рече медијаторот во интервјуто, кое го пренесе МИА. 

Поврзани новости