Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе има средба со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис.
Ова е прва средба меѓу двајцата министри, која ќе се одржи на маргините на 79. Генерално собрание на ОН.
На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна тровија, ќе се разговара за актуелните регионални и меѓународни теми, како и за понатамошното продлабочување на билатералните односи и економската соработка меѓу двете земји.
Средбата ја потврдија и од грчкото МНР, посочувајќи дека на маргините на Генералното собрание, Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија.
Шефовите на дипломатиите на двете земји првпат ќе имаат билатерална средба.
На средината на јули, Муцунски и Герапетритис остварија телефонски разговор, а во фокусот беше справувањето со пожарите што тогаш беа активни кај нас.
Муцунски и Герапетритис денеска ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.