Во ноември само два дена со чист воздух во Тетово

by Fokus

Во текот на двете недели од ноември само во два дена воздухот бил чист, односно немало надминување на граничната вредност од 50 ПМ10 на метар кубен, покажуваат мерењата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово. Претходно во октомври 2021 од вкупно 31 ден во 11 имало загаден воздух, покажува месечниот извештај.

-Состојбата се должи на неповолните временски услови – антициклон сончево време без ветер. Секако и основниот проблем, почеток на грејна сезона и користење на ложишта со фосилни горива како дрво, нафта и јаглен. Дополнително придонесуваат и сообраќајот и индустријата, изјави Д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.

Според него, иако Тетово беше опфатено со мерките за намалување на аерозагадувањето тие не придонеле во поголем обем за подобрување на состојбите.

-Иако имаше субвенции за инвертери, по некое мое истражување 80 отсто од тие што купиле се уште користат барем по уште едно ложиште на цврсто гориво, објаснува Д-р Давидовски.

Со мерењата на мониторинг станицата е евидентирано дека во 2020 година од 365 денови имало 138 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен. Најмногу имало по 28 дена со загаден воздух во јануари и декември, ноември со 27 итн. Јуни, јули и август биле месеците кога немало ниту еден ден со отровните ПМ10 честички. Во 2019 година Тетово имаше 88 денови чист воздух, 120 со загаден и 157 без податоци.

Поврзани новости