Во ноември му истекува времениот пасош на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во случајот „Империја“, беше истакнато на денешниот брифинг со новинарите во Основниот кривичен суд Скопје. Останатите два пасоши на Камчев, бугарскиот и македонскиот му се во судот, одземени како мерка на претпазливост.
Камчев го побара времениот пасош поради неодложни службени патувања и задолжителна едукација, a тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева му даде зелено светло без да ја консултира обвинителката Лиле Стефанова, која ја води истрагата за Камчев и „Империја“.
Покрај Камчев, во случајот „Империја“ осомничени се и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.