Инспекциите во Скопје вчера затвориле четири објекти – три се угостителски кои работеле по 21 часот, а интервенирано е и во јога-студио каде што казната не е за пречекорување на работното време, туку за групирање повеќе луѓе на едно место.
– Инспекциите синоќа, посебно од одделението во Скопје, имаа полни раце работа. Трите угосителски објекти се фатени дека работат во 23, 23.30 и 24 часот, а кај еден имаме и кинење пломба пред да му истече рокот за затворено и отворил повторно. Тоа е објект во Чаир, кој повторно е затворен, направен е записник и поднесена е кривична пријава за кинење службен печат од институција, рече Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат на прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Тој раскажува дека има ситуации каде објектите се заклучуваат, се гаси светлото и гостите седат во мрак, а притоа се служат пијалоци и храна.
Таков случај имало синоќа со кафулето „Три кичен бар“ каде гости имало околу 22.30 часот. Слично сценарио се случувало и со „Станица 26“ локал во непоследна близина и речиси поврзан со „Три кичен“. Гости по 23 часот вчера имало и во кафулето „Мош“.