На маж од Демир Капија му е изречена условна осуда, казна затвор во траење од една година, бидејќи на социјалната мрежа Фејсбук, под медиумска содржина напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, со кои повикувал на насилство кон оваа маргинализирана група.
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар, против лицето С.М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15-ти март 2024 година донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Настанот се случил во јули минатата година, кога демиркапиецот повикал на насилство кон ЛГБТИ заедницата, и со тоа сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Од ОЈО Кавадарци пак, минатиот месец известија дека по спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен предлог против жител на Демир Капија за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, преку коментари на социјални мрежи, објавени под вест на еден веб портал во јули 2023 година, поттикнувал омраза спрема ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација.
Делото било пријавено од здружение кое ги застапува правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.
Инаку, од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.
Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Вики Клинчарова