Во Неготино се поставија столбчиња за спречување на паркирање на тротоари, граѓаните бараат паркинг

by Fokus
Како дел од проектот ,,Мојот убав град’’ во Неготино се поставија заштитни метални столбичиња долж тротоарот во центарот на градот, наспроти плоштадот.

Се работи за сто столбчиња, чија намена е да се спречи паркирањето на автомобили на тротоарот, каде во изминативе години воопшто немаше простор за движење на пешаците.

Од општината информираат дека столбчиња ќе бидат поставени и пред ООУ ,,Гоце Делчев’’, како и на плоштадот, каде старите и оштетени ќе бидат заменети со нови. Во градот реакциите поради оваа активност се поделени.

Дел од граѓаните сметаат дека поставувањето на столбчињата е за поздрав, додека голем е бројот и на оние според кои нештата требало да одат по спротивен редослед, односно првин да се изгради паркинг простор, а дури потоа да се блокираат тротоарите, каде граѓаните ги паркираат возилата. Вака, најчесто коментираат на социјалните мрежи посветени на општината, нема ефективно решение, бидејќи ќе дојде само до поместување на паркираните возила подоле долж главната улица.


И станари во зградите во центарот реагираат бидејќи нема каде да ги паркираат сопствените автомобили, поради тоа што на тротоарите пред нивните згради постојано се оставаат возила на луѓе кои работат во близина, или пак имаат да завршат некоја работа низ градот. Недостигот на паркинг простор во Неготино е проблем кој што со тек на годините станува се позабележителен. Ако во минатото вообичаено беше домаќинствата да имаат по еден автомобил, денес речиси секое домаќинство има по два, па и повеќе автомобили.
Навика на граѓаните е и да патуваат со автомобил дури и за кратки релации, до блиска продавница или до кафуле во центарот, со што се создава сообраќаен метеж, а проблемот е посебно изразен во пазарните денови.
Во отчетот за реалзираните активности и проекти во првите сто дена на власт, градоначалникот Тони Делков изјави дека се работи на измените на генералниот урбанистички план, и во него ќе се најдат нов паркинг простор, како и изградба на кружни текови.
-Би сакал да ве информирам дека на седница на совет помина и се даде согласност да се изработи физибилити студија за начинот на кој ќе управуваме со паркинг просторот и нормално кој концепт е најисплатлив и одржлив за применување. Дали во соработка со ЈП Комуналец, формирање ново јавно претпријатие или по пат на приватно јавно партнерство. Инаку, согласно сообраќајниот проект, на располагање имаме околу 220 паркинг места – информираше Делков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости