Здружението на граѓани Ековита од Неготино денес ја поднесе иницијативата против изградба на депонија, со список од 3.323 потписи од загрижените граѓани.
Следниот чекор е Советот на општината да донесе одлука за референдум.
Изминатиот период во Неготино помина во знакот на загриженост од најавената изградба на депонија за индустриски инертен отпад. Граѓаните во рок од 14 работни дена ги собраа потребните над 3.000 потписи, а за да биде успешен референдумот, треба да има излезеност од над 8.000 лица, од кои мнозинството ќе се изјаснат против изградбата на депонијата.
Станува збор за проект депонија, каде е најавено да се прима дневно по 1.442 кубни метри отпад. Се работи за отпад од рафинирање на нафта, пречистување природен гас и пиролиза на јаглен, отпад од органски и неоргански хемиски процеси, отпад од термички процеси, отпад од масла и течни горива, искористени гуми и друго – наведено е во Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, нарачана по барање на компанијата П&П, која е инвеститор на проектот.
-Само со успешен референдум можеме да си го спасиме градот – апелираат од Ековита, чии активисти неколку недели делеа летоци низ градот и им појаснуваа на граѓаните за каков проект се работи.
Голем дел од жителите на општината се пожалија дека не биле доволно информирани, многу од нив не ни слушнале за намерата да се гради депонијата, а пак жители на селата Пепелиште и Криволак, во чија близина е предвидена депонијата, имале информација дека се работи за депонија за градежен, а не индустриски отпад.
Постапката со депонијата моментално е запрена поради негативно мислење на Државното правобранителство. Според правобранителството, негативно мислење е дадено бидејќи огласот за продажба не соодветствувал со одлуката на Владата, и не бил испочитуван Членот 75 од Законот за градежно земјиште. Во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.
Од компанијата П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, најавија дека ќе го обжалат решението.
Поради тоа, од Ековита порачаа дека референдумот е единствениот спас за градот, и апелираат да нема партиски поделби помеѓу граѓаните, бидејќи се работи за нивното и здравјето на идните генерации и животната средина.
Вики Клинчарова