Во Неготино повторно се собираат потписи против изградба на депонија!

by fokus

Во Општина Неготино започната е петиција на граѓаните против изградба на гасна централа која ќе согорува комунален отпад од цела Македонија. Граѓанската иницијатива започна од Војшанци и Тремник и веќе се собрани над 400 потписи од населението кое е против инвестицијата која пред неколку месеци ја најави премиерот Зоран Заев.

Ова е втор пат како во изминативе неполни две години граѓаните собираат потписи и го креваат својот глас против влез на загадувачка индустрија во општината. Првата иницијатива се покрена кога јавноста дозна дека италијанската компанија П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, планира да гради депонија за индустриски и инертен отпад.

Од здружение на граѓани Ековита, кое е иницијатор на граѓанската иницијатива информираат дека започнале со собирање на потписите од Тремник и Војшанци, а наскоро продолжуваат и во Тимјаник и Неготино. Дополнително ќе го известат населението кога и каде ќе може да се даде потпис против изградбата на депонијата, за која беше најавено дека ќе се гради во Дуброво и ќе согорува над 700.000 тони отпад од цела земја.

-Ова е проект на една нова фирма од Неготино која постои само една година, без ниту еден реализиран проект до сега. Владата под сомнителни услови и додели статус на најголема стратешка инвестиција да управува со комуналниот отпад. Се уште го немаат објавено проектот(со објаснување од нив дека е патентирана идеја на процес). Од оскудни извори на фирмата, се објави дека само од една линија ќе се ослободува 6.231 тони годишно или од 5 линии, како што е планирано, ќе се добијат само 31.386 тони пепел годишно, и тоа се 7% остаток од вкупната количина која ќе се гори, но никој не не информира што е со останатите 93% од отпадот или 417 000 тони, каде ќе одат, ќе испарат… Оваа огромна тонажа би се исфрлила во воздухот, на што имаме најголеми забелешки за оваа сомнителна инвестиција, бидејќи комуналниот отпад е со нестандарден состав, а со тоа и загадувањето е сомнително – појаснува биологот Сашко Тодоров, кој е претседател на здружението Ековита.

Тој смета дека ова е игра со природата, но и со здравјето на луѓето и животната средина. Со цел да нема тешка загадувачка индустрија во општината, Ековита подготви Зелен меморандум, со чие потпишување потенцијалните јавни функционери ќе се обврзат дека нема да дозволат отворање и изградба на инвестиции од загадувачки карактер. Меморандумот ќе им биде понуден на кандидатите за градоначалници, Тони Делков од СДСМ и д-р Горан Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ, а јавноста ќе биде известена кој ќе го потпише меморандумот.

Ова е втор пат во рок од неполни две години во општината да се собираат потписи против изградба на депонија, на што голем дел од граѓаните реагираат и прашуваат колку пати ќе треба јасно да стават на знаење дека се против било какви загадувачки индустрии. Како потсетување, кон крајот на 2019 година, жителите започнаа со собирање на потписи за Референдум, како единствена гаранција дека депонија во Неготино нема да се гради ниту сега, ниту пак во иднина. Иницијативата и тогаш беше на Ековита, откако јавноста дозна дека се планира изградба на депонија за индустриски и инертен отпад, проект на инвеститор од Италија.

И покрај тоа што градоначалникот Тони Делков во видео пораки го убедуваше населението дека депонијата е сосема безбедна за здравјето и околината, над 3.000 граѓани го дадоа својот потпис и бараа да се спроведе Референдум, со кој засекогаш ќе се стави крај на темата со отворање на загадувачки индустрии во општината. Тогаш, иако беа исполнети сите законски услови за одржување на Референдум, не беше одреден датум за истиот. Образложението на Делков и советниците на СДСМ, искажано на седница беше дека Референдумот е беспредметен, и ќе и донесе трошоци на општината, затоа што проекотот за депонијата беше стопиран поради негативно мислење на Државното правобранителство.

Револтираните граѓани кои тогаш го дадоа својот потпис против влез на загадувачки индустрии во општината, реагираа и апелираа дека треба да започне владеењето на правото и да се испочитува гласот на сите оние кои се потпишаа на иницијативата.

-За да има правна држава круцијален е гласот и мислењето на секој еден граѓанин на оваа држава. Затоа, почитувајќи ги законските прописи кои се изворот на една европска правна држава во која владее правото, Референдум како најнепосреден облик на граѓанско изјаснување мораше уште тогаш да има, бидејќи граѓаните на Неготино ги исполнија законските услови – реагираат активистите од здружението.

Сега пак, кога во тек е собирањето на потписи против изградба на гасна централа, од Ековита порачаа дека граѓаните го имаат последниот збор, и најавија селективен бојкот на локалните избори на сите кои дозволуваат да се загадува Неготино и не го почитуваат гласот на своите сограѓани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости