Во Неготино нема организиран новогодишен дочек на плоштад, но има љубовен тунел!

by fokus

Во Неготино втора година по ред нема да има организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад. Веста дека за граѓаните кои се понадевале дека ќе можат да прослават во центарот на градот со музика и пијалак од мобилните штандови, сепак нема да има организирана забава, ни ја потврди претседателот на Советот Диме Витанов. Тој вели дека средствата планирани за дочекот ќе бидат пренаменети во хумани цели, но за повеќе детали не упати кај Мишко Митров, портпаролот на општината.

Митров пак, во телефонски разговор за ,,Фокус” изјави дека не е запознат со деталите.
Нема одговор ниту дали, кому и колку средства му биле донирани од буџетот и минатата година, кога исто така немаше органзиран дочек, под образложение дека средствата ќе бидат пренаменети во добротворни цели, односно ќе биле донирани на семејство или установа, каде ќе се утврдело дека се најпотребни.

Официјално соопштение од кабинетот на градоначалникот Тони Делков по повод темава која што е актуелна деновиве во јавноста – нема. Единствено, на официјалната интернет страница на општината е наведено дека се организира празнична Новогодишна програма во соработка со училиштата и градинките, и ќе трае до 27-ми декември.

И, ако градот годинава остана без прослава, на изненадување на граѓаните доби интересен реквизит среде плоштад. Конструкција во вид на тунел со светилки веќе неколку дена стои во центарот, а неготинчани на социјалните мрежи ја споделуваат фотографијата и прашуваат која е намената на интересниот реквизит. Некои веќе на шега започнаа да го нарекуваат тунел на љубовта, со појаснување дека ако поминеш под него, најверојатно цела 2019 година ќе ти мине во љубов.

Околу тоа дали да се слави на плоштад, граѓаните во општината се поделени. Според некои, организираните прослави се пожелни, бидејќи не секој може да си дозволи да слави во ресторан, и забавите на плоштад се еден начин секој граѓанин да може да го почувствува празничниот дух.

Оние кои се противници на општинските прослави за Нова година, пак тврдат дека е неразумно да се трошат народни пари на скапи музички ѕвезди. Сепак, во изминатите години во Неготино најчесто настапуваа локални музички групи и пејачи чии хонорари не се значително високи.

За разлика од Неготино, во Кавадарци уште минатиот месец беше објавена Новогодишната програма. Ќе настапуваат локални бендови, ќе има штандови со пијалок и огномет на полноќ. Голем број на неготинчани кои што решиле да слават на плоштад, велат дека ќе заминат таму.

Во Велес пак, каде традиционално никогаш немало Новогодишен дочек на плоштад, бидејќи главна општинска манифестација е Питијадата, од кабинетот на градоначалникот Аце Коцевски излегоа со соопштение кое граѓаните со воодушевување го поздравија.

Имено, наместо за календари и други промотивни материјали, општината решила планираните средства во висина од 300.000 денари да ги донира на 100 семејства кои имале социјални проблеми. Списоците на семејствата на градоначалникот Коцевски му ги доставиле од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, и тој вети дека на секое семејство ќе му бидат исплатени средства во висина од 3.000 денари пред празниците, со цел да ја почувствуваат празничната радост и топлина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости