Во Неготино ќе се одржи протестен марш предводен од Гага, девојче со посебни потреби: Нема да бидете нападнати, можеби само изгушкани!

by fokus

Денеска во 18:30 часот во Неготино ќе се одржи протестен марш кој ќе го предводи Драгица, позната во градот како Гага, која е девојче со посебни потреби. Целта на маршот е да се испрати пораката дека во Неготино има место за лицата со посебни потреби.

-Не е добро кога поради мала група на неиформирани граѓани се формира мислење за цело население. Во Неготино има простор за лицата со посебни потреби.
Денес во 18:30 часот се собираме пред куќата на Гага и нејзините родители, заедно со нашите родители, другари и пријатели. Ќе направиме многу мирен марш заедно до центарот на градот кој ќе го предводи Гага. Ќе се дружиме и на една пијачка.
Ви гарантирам, немате потреба од страв дека вие или вашите деца ќе бидете нападнати. А тоа дека можете да бидете изгушкани од Гага – тука не гарантирам!!!
Ве чекаме – 18ч 30 пред куќата на Гага (близу Гама бензинската)
П.С. Посебна покана упатуваме до граѓаните на Тимјаник. За вас покрај бесплатната гушка имате и гратис пијачка од Гага – наведено е во повикот, кој го објавија пријатели на Драгица, инаку млади луѓе и големи активисти за правата за сите загрозени граѓани.

Најавата за маршот наиде на голема поддршка и одобрување од страна на граѓаните од Неготино. По настаните во селото Тимјаник вчера, кое е речиси еден вид на предградие на Неготино, кога селаните испратија порака дека не сакаат деца со попреченост во развојот во нивна близина, иницијаторите на маршот велат дека мора да се работи на менување на јавната свест.

-Во 2008 година имав можност да се вклучам во Центар за лица со ментален и физички хендикеп. На мојата одлука, многу луѓе ми кажаа дека не е најдобрата опција за волонтирање поради лошите приказни на луѓето кои живеат таму. Токму тоа беше мотивацијата да почнам да одам, да видам што е лошото во нивните приказни. После една година, сите оние кои ми зборуваа за лошите последици од моето волонтирање таму, станаа добри пријатели со некој од нив.

Токму затоа, ниту грам не ги поддржувам граѓаните кои вчера протестираа, меѓутоа сакам да ги разберам. Во овој регион се има создадено мисење дека ,,Ж’тата зграда” (Специјалниот завод Демир Капија) е место за некакви чудни лица не толку достапни/видливи за граѓаните. И тука е главниот проблем на неинформираност.

Јас сум повеќе од сигурен дека, одкако ќе се отвори тој центар (и СИЛНО ПОСАКУВАМ ДА СЕ ОТВОРИ) сите граѓани на Тимјаник ќе бидат најголеми поддржувачи на тој центар – јавно порача Симон Андов, магистер по право на Европската Унија, кој се стекнал со титулата на универзитет во Франција, а воедно е и голем пријател на Драгица и иницијатор на низа хуманитарни настани во Неготино.

Вики Клинчарова

Поврзани новости