На само 2 месеца до крајот на учебната година, сѐ уште нема учебници за сите, иако за таа намена се одвоија околу 8 милиони евра од буџетот. Во меѓувреме, учениците учеа од брошури испечатени во „Европа 92“, која доби и најголем дел од милионскиот тендер за учебници. Цело прво полугодие, тие учеа од наставни материјали, кои содржеа четири предмети – македонски јазик, математика, општество и природни науки, за кои беа потрошени плус 500 илјади евра од Светска банка
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Само за оваа учебна година, Министерството за образование потрошило 8 милиони евра за набавка на учебници, а на само два месеца пред крајот на учебната година, во дел од училиштата сѐ уште недостигаат книги.
По долго натегање, од МОН конечно признаа дека потрошиле милионски суми пари за набавка на учебници, од кои 4,6 милиони евра завршиле кај печатницата „Европа 92“, а 3,2 милиони евра во рацете на десет издавачки куќи.
Поточно, во вториот случај, учебниците се набавуваат по пат на откуп, бидејќи се работи за учебници за кои Министерството не поседува авторски права и тие се во сопственост на издавачките куќи.
Инаку, оваа образовна година, на чело со министерот Јетон Шаќири, кој доаѓа од редовите на ДУИ, почна мошне бурно, односно кога учениците седнаа на училишните клупи, немаше од што да учат. Без разлика на тоа што тендерските постапки експресно завршија, сепак учениците ја стартуваа годината без потребните учебници.
Министерството за образование беше ставено пред свршен чин, па во последен момент мораше да најде начин – од што да учат децата од прво до петто одделение, додека да се испечатат нивните учебници.
Овој процес сѐ уште трае…
„ФОКУС“ РАСПОЛАГА СО БРОШУРИТЕ
Оваа учебна година, жртви на лошо поставениот образовен систем беа 100.000 ученици, кои поголемиот дел од годината учат од брошури или како што ги нарекуваат од МОН – наставни материјали.
Вакво решение беше донесено во пет до 12, откако децата седнаа на празни клупи, но никој од Министерството досега не извести официјално како е „решен“ проблемот со недостигот од учебници.
Како што дознава „Фокус“, во последен момент на учениците им биле поделени брошури наместо книги. Нашата редакција се потруди да обезбеди дел од нив, за да видиме како изгледаат, колку страни имаат и кои предмети се опфатени?
Така, успеавме да обезбедиме наставни материјали за прво и за второ одделение, чие издавање оди преку Бирото за развој за образованието. Во една брошура има четири предмети – македонски јазик, математика, општество и природни науки.
Сите основци, речиси цело прво полугодие учеле од тие брошури, а на секоја една страна можат да се забележат фотографии, со објаснување што точно означува секоја од фотографиите.
Исто така, на почетната страна, на која е испечатена брошурата за македонски јазик, се наведени авторите и илустраторите, а по истиот принцип функционираат и сите други предмети.
Но, кога ќе се разгледа воведниот дел, односно првата страница по корицата, може да се види и тиражот на испечатените брошури, па со таа со која ние располагаме има околу 14.000 примероци тираж.
Втората брошура, која е за второодделенците, е направена по истиот терк како и првата. Во неа на самата корица е напишано „Материјали за учење“, а внатре се опфатени четири предмети.
Во оваа брошура, како издавач, е наведено Бирото за развој на образование, а како уредник е наведен в.д. директорот на Бирото за развој на образование, Зеќирија Хасипи. Еден по еден се наредени предметите, како и тоа кои се авторите на секој од предметите.
Инаку, во самата брошура е наведено дека година на издавање и печатење е 2022 година во Скопје. Тоа што боде очи е што за дел од предметите се јавуваат истите автори како и за брошурата за прво одделение.
Сепак, најважното во целата приказна недостасува, а тоа е која фирма ги печати брошурите. Оваа информација не може да се најде никаде на наставните материјали, освен тоа што како илустратор е наведена фирмата „Тримакс“.
Сепак, нашите извори тврдат дека брошурите се печатени во „Европа 92“. Впрочем, таква потврда добивме и од МОН.
Според нашите информации, за овој проект за еднократна употреба, во последен момент, се потрошени 500 илјади евра, пари земени како заем од Светска банка за проект за унапредување на основното образование.
УЧЕБНИЦИТЕ КАКО СЛИКОВНИЦИ
Нормално дека целата оваа ситуација најголемо влијание имаше врз учениците, од кои некои за првпат се соочуваат со наставна програма, додека, пак, други за првпат беа принудени да учат од наставни материјали во кои беа сместени дури по четири предмети.
Освен тоа што се „спискаа“ околу 8 милиони евра буџетски пари, во моментот не се важни само парите, туку дека на крај од ваквиот поставен образовен систем ќе излезат неписмени генерации, за што досега неколку пати се алармираше.
„Ова што се случува е страшно. Моето дете е второ одделение и почна со учебната година од некоја книга, брошура што и да беше, во која беа ставени најважните предмети и тоа за тоа што Министерството не е способно да им обезбеди нормални учебници на децата. Учебниците ги направија како сликовници – вели мајка, која сакаше да остане анонимна.
„Фокус“ поразговара со повеќе родители, кои ни потврдија дека нивните деца сега добиле учебници, но за време на целото прво полугодие воопшто немале. Некои од нив сѐ уште чекаат, иако веќе се ближи крајот на учебната година.
Сепак, да се навратиме на прашањето како оди целата постапка за набавка на учебниците? Според Законот за учебници за основно и средно образование, учебникот се изработува според наставниот план и програми за соодветното одделение и предмет и концепцијата за учебник, што на предлог на Бирото за развој на образованието ја утврдува министерот надлежен за образование.
Во Законот понатаму се наведува дека владата формира Национална комисија за учебници, која е составена од 21 член со мандат од две години. Арно ама, според нашите информации, Комисијата во моментот брои 17 члена.
Процедурата предвидува Педагошката служба во рамките на МОН да објави конкурс за ракописи по соодветните предмети. Конкурсите се објавуваат врз основа на постојните законски прописи. Поднесените ракописи се анонимни, секој со своја шифра.
Во исто време, Педагошката служба објавува повик за рецензенти за пристигнатите ракописи и од пријавените кандидати врши избор. Списокот на избраните рецензенти (оние што ги исполнуваат условите) се доставува до Националната комисија.
Таа подоцна избира рецензентски комисии од доставените списоци. Секоја рецензентска комисија е составена од 3 члена: претседател на комисијата од редовите на универзитетските професори од наставничките факултети за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и двајца рецензенти наставници од основно, односно средно училиште.
Пристигнатите ракописи се доставуваат до рецензентските комисии и до Бирото за развој на образование или Центарот за средно стручно образование. Рецензентската комисија врши стручно вреднување на ракописот согласно со Методологијата за вреднување учебници и во рок од 14 дена го доставува стручното вреднување до Педагошката служба.
За целата оваа процедура, „Фокус“ испрати неколку прашања и до Министерството за образование, со оглед на тоа што, и покрај сите филтри што ги поминуваат учебниците додека стигнат до печатница, главниот збор го има надлежното Министерство, каде што е и целата одговорност за набавката на учебници.
Им поставивме повеќе прашања, на што добивме детални одговори, како и признание дека наставните материјали (брошури) ги печати печатницата „Европа 92“.
„МОН не печати брошури. Оваа терминологија не постои во законската регулатива, односно во Законот за учебници и брошури не се користат во наставата. МОН, со поддршка на Светска банка, во рамки на проектот за унапредување на основното образование, обезбеди 500 илјади евра со кои се набавија наставни материјали за 80 илјади ученици од прво, второ, четврто и петто одделение, кои ја обработуваа наставната материја за првото тримесечје од тековната учебна година“ се наведува во одговорот од Министерството.
Оттаму додаваат дека одлуката е донесена откако се увидело дека ќе доцнат постапките за одобрување на учебници што ги спроведува Националната комисија за учебници.
„Наставните материјали се со тврда корица и тие се колоризирани и во целост ја исполнија функцијата поради и која беа наменети – учениците не останаа без соодветни помагала за совладување и повторување на наставната материја. Наставните материјали ги испечатија „Европа 92“ и „Тримакс“.
Истите, согласно Законот за учебници во основното и во средното образование, имаат еднократна употреба, како и сите други учебници и наставни материјали од прво до трето одделение, но и дел од учебниците во погорните одделенија, затоа што во сите нив учениците пополнуваат содржини (пишување, боење, цртање, сечење)“, стои во одговорот.
СОМНИТЕЛНИ ТЕНДЕРСКИ ПОСТАПКИ
Но, за целиот овој циркус, многу важно е како се одвиваше целата тендерска постапка? Само два месеца пред стартот на новата учебна година беше распишан тендер за печатење учебници, кој поради технички грешки претрпе неколку измени, со што дојде ред компаниите да ги достават понудите.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, на овој тендер се пријавуваат неколку компании, од кои најголемиот бизнис-колач од дури 4,6 милиони евра го добива печатницата „Европа 92“, а на второ место е фирмата „Арбериа Десигн“ со зделка од речиси 1,3 милиони евра.
Тука е и компанијата „Арс Ламина“, која за разлика од претходните години, сега добива тендер во вредност од речиси 31.000 евра.
Конкурентските фирми поднесоа жалби, но експресно им беа одбиени со единствено образложение како неосновани. Официјалните податоци покажуваат дека цената е пресудна во изборот на компанија и таа носи 70 бодови, додека квалитетот на учебниците само 30 бодови.
Еден од условите во тендерската документација е печатницата да има испечатено најмалку 500 илјади монографски публикации во последните 2 години, со што дел од компаниите од конкурентскиот табор не ги исполнувале условите. Тие, според нашите информации, планирале да настапат со пониски цени и така да успеат да добијат од бизнис-колачот, но неуспешно.
Компанијата што доби најголем дел од тендерот е една од најстарите печатници, основана пред повеќе од три децении, поточно во далечната 1990 година. Според податоците од Централниот регистар, како нејзин сопственик се води Ратко Димитровски, кој во јавноста е познат како поранешен градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, како управител фигурира Влатко Димитровски.
Веќе подолг период, „интегративците“ го предводат Министерството за образование, со исклучок од време на време на по некој министер од владејачките гарнитури предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Досега никој не сносеше одговорност за тоа дали учениците имаат учебници или не, а со оглед на случувањата не се очекува и понатаму против некој да има санкции.
Тендерот го добија, но сите учебници сѐ уште не се испечатени, а очигледно главната вина за тоа оди кај Министерството за образование.
Ај, што потрошија толку пари и сѐ уште недостигаат учебници, туку цело едно полугодие учениците учат од наставни материјали, за кои никој не се најде повикан на јавноста да даде одговори.
Оваа сторија е дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“, кој вклучува активности за истражување и застапување со цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото.
За содржината одговорен е авторот и во никој случај не ги отсликува позициите на ИДСЦС.
РАМКА 1
Министерство за образование:
ДОСЕГА СЕ ИСПЕЧАТЕНИ 306.118 УЧЕБНИЦИ
Од Министерството за образование, за „Фокус“, велат дека досега во оваа учебна година се испечатени 306.118 учебници по сите наставни предмети во основното образование, за кои е издадено одобрение за употреба од страна на Националната комисија за учебници.
„Учебниците за прво, второ и за трето одделение се испечатени без страниците што ја содржат материјата од првото тримесечје, односно онаа која е веќе разработена во наставните материјали, додека учебниците за четврто и за петто одделение се испечатени целосно, бидејќи тие треба да се користат и од следните генерации, или како што наложува законот – најмногу во следните 5 години“, истакнаа од МОН.
РАМКА 2
„Европа 92“:
КАЈ НАС ДОАЃААТ ГОТОВИ МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
„Фокус“ се обрати и до печатницата „Европа 92“, од каде што го добивме следниот одговор:
„Процесот на печатење и испорака се одвива според договори за одреден број учебници. Досега имаме склучено 11 поединечни договори и сите 69 наслови на учебници според нив се отпечатени и испорачани заклучно со 17.03.2023 година.
Ние, како печатница вршиме печатење на веќе одобрени и електронски подготвени учебници. Кај нас процесот на печатење трае најмногу до 7 работни денови и уште толку за испорака. Одобрувањето и електронската подготовка на учебниците се фази, кои се завршени пред тие да бидат пратени кај нас за печатење и ние не можеме да влијаеме врз нив“, се наведува во одговорот од печатницата „Европа 92“.