Еколошката организација „Go Green“ најави протестен марш против загадувањето на воздухот во Скопје, кој ќе се одржи на 1 февруари (недела), под мотото „Кој е крив што градот ни е сив“.
Од Еколошката организација ги повикуваат сите граѓани кои ќе дојдат на протестниот марш да носат облека во темни бои, како и маски, со што симболично ќе се изрази револтот од постојаното енормно загадување во главниот град. Маршот ќе започне од Паркот на новинарите кај поранешна Нова Македонија, а ќе заврши пред Министерството за животна средина.
„Скопје може да се „пофали” за освоеното прво место, прво место за најзагаден Европски град. Секојдневно сме сведоци на се позагадениот воздух. Од ден на ден, нивото на ПМ10 честичките расте се повеќе и повеќе, обојувајќи го градот во сиво. Секои 10µg/m3 ПМ10 честици го зголемуваат ризикот за рак на бели дробови за дури 22% , а во Скопје нивото на овие честици достигна дури и до 700µg/m3 . Дозволеното ниво на овие честички изнесува максимум 50µg/m3 . Секоја година се соочуваме со истиот проблем. Бараме конкретни мерки за спречување на загадувањето. Не отворањето прозорец и седењето дома не се решение за загадениот воздух. Кој е крив што дишеме смог? Кој е крив за полните болници?“, се наведува во повикот на „Go Green“.
Оттаму додаваат дека е дојдено време сите да маршираат за она што бесплатно не следува.
„Нека овој марш биде што помасовен за да го привлече вниманието на надлежните органи, а до тогаш ние ќе маршираме прашувајќи кој е крив што градот ни е сив?“, се вели во најавата на настанот.