Мандатарот Христијан Мицкоски денеска најави дека составот на неговата влада ќе биде доставен во Собранието во вторник, а во недела ќе се потврдат имињата на новите министри.
Мицкоски рече дека во новата влада ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, а во опозиција ќе бидат СДСМ, ДУИ и партијата Левица.
„Јас не би зборувал во името на другите политички партии и во името на нашите коалициони партнери, тие тоа што имаат да го кажат, ќе си го кажат самите. Што се однесува за коалицијата „Твоја Македонија “ и ВМРО-ДПМНЕ, ние сме структура која има организациска поставеност, вертикална, функционира врз основа на статут и нормално, во согласност со законите и Уставот. Овој викенд, во недела ќе биде одржана седница на Извршниот и Централниот комитет, ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар, со нивната биографија. Очекувам ИК и ЦК да се произнесат, а ако произнесување е позитивно и успешно, да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната Влада, заедно со програмата на работа, на 18 јуни, во вторник, ќе бидат доставени до Собранието“ – рече Мицкоски.
Мицкоски го доби мандатот на 6 јуни и има рок од 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на Владата.