Општина Центар најавува голема забава на отворено, во Паркот на франкофонијата, која ќе се одржи на 29-ти септември (недела), со почеток од 19 часот. Станува збор за концертот ,,Нешто што ќе остане”, кој првично беше одложен поради временските прилики.
На настанот ќе настапат Пајак, Лара, Влатко Лозаноски, Таско, FIC & D’INVISIBLES, а водител ќе биде Сашко Коцев.
За разлика од останатите изведувачи, кои се присутни на македонската сцена подолг период, Пајак и Лара се реалтивно нови музички имиња, кои за само неколку години ги освоија симпатиите на младите генерации.
Нивните песни имаат милионски прегледи на музичкиот канал Јутјуб, и двајцата се вистинско освежување на домашната естрада. Нивните настапи секогаш минуваат во еуфорична атмосфера, и периодов се чести гости на разни манифестации во земјава.
Според градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, станува збор за настан преку кој се афирмира домашната музика и македонските уметници.
-Јас како градоначалник на најурбаната општина во градот секогаш се стремам да ја подигнам културата на едно повисоко ниво, особено преку афирмирање на нашата домашна музика и македонските уметници.
Во нашето секојдневие навистина недостасуваат културни и музички манифестации што бесплатно ќе бидат достапни за сите граѓани. Со „Нешто што ќе остане“ Општина Центар дава свој придонес во негувањето на културните вредности. А за да ги негуваме истите Ве поканувам да дојдете на концертот за заедно да се дружиме и уживаме, истакна Герасимовски.
Концертот е во организација на Општина Центар, и за него е издвоен буџет од 1.500.000 денари, односно околу 24.000 евра.
Оваа музичка приказна за центарци и за сите скопјани започна да се пишува минатиот октомври во рамките на Програмата за култура на Општината.
Вики Клинчарова