Во нашите зони се произведуваат делови и за: Мајбах, Порше, БМВ, Хамер, Ауди..

by Fokus

Пишува: Дејан Азески

Многумина се уште со носталгија се сеќаваат на времето кога социјалистичките гиганти како МЗТ, Железара, ЕМО, Астибо и сл. Соработувале или попрецизно допринесувале во крајниот производ на уште поголеми светски гиганти како Сименс, Босс ,  Фиат, Лада и други. И навистина е импресивно како една социјалистичка држава успевалa да се носи со пребирливи те стандарди на секогаш поразвиените запад.

За жал, после нивното тивко изумирање се создаде тампон период во кој нашата држава извезуваше само кондиторски производи или застарени југословенски полупроизводи. Но, еве во последниве десетина години за среќа повторно имаме фирми кои работат исклучиво за најголемите светски гиганти, а листата на нивни клиенти за која малку се знае во јавноста навистина е импресивна.

БРЕНДОВИ ЗА КОИ СЕ ПРОИЗВЕДУВА ВО НАШИТЕ ЗОНИ

Мајбах, Порше, БМВ, Мерцедес, Ауди, Опел, Шкода, Сеат, Хамер, Форд, ЏМС.. се само дел од долгата листа на компании за кои произведуваат фирми кои се лоцирани во нашите технолошко индустриски развојни зони. Без разлика дали станува збор за катализаторите произведени во Џонсон Мети, каблите во Дрексел Маер и Кромберг и Шуберт или пак автогалантеријата во неколку други поголеми фабрики факт е дека сите овие завршуваат во најголемите светски автомобилски брендови.

Долго време се сметаше дека кај нас не постојат кадри кои можат да се носат со високи стандарди на врвен квалитет кои го побаруваат најпознатите светски брендови особено оние од премиум сегмент, но ете праксата за среќа ги демантира стереотипите.

Втор стереотип со кој веројатно се уште се бориме е дека нашата држава беше сметана за еден вид “европски Бангладеш” или територијата со нестандардно низок стандард која фирмите се тука само за привремено да ја искористат.

Напротив двете последни големи светски кризи (и здравствената и безбедносната) покажаа дека она што се добива со евтината азиска работна сила лесно се губи со несигурните ланци на снабдување и долгите чекања за испорака. Па така југоистокот на Европа (каде што за среќа се наоѓаме и ние) допрва ќе станува интересен за големите светски производители, а се подобрата инфраструктурна поврзаност и скратените царински процедури ќе допринесат и повисоките плати за работници да се исплатливи за инвеститорите.

ЗА ФИРМИТЕ ВО ЗОНИТЕ ЗНАЕМЕ МАЛКУ БИДЕЈЌИ НЕМААТ ПОТРЕБА ОД МАРКЕТИНГ

Навистина е интересно дека освен вработените кои работат на производство на конкретните производи, малкумина во јавноста знаат дека кај нас постојат фабрики кои можат да го продуцираат овој највисок квалитет за најголемите светски фирми. Причината веројатно лежи во фактот дека компаниите од македонски зони скоро и да немаат никаков маркетинг во нашите медиуми. Имено станува збор за фабрики, дел од многу поголеми корпорациски системи кои имаат однапред договорен пласман на целото производство, што значи дека немаат потреба тоа никако да го огласуваат или пак да го потенцираат.

Сепак, тоа што немаат потреба не значи дека овие компании не треба да се присутни во нашата јавност. Тие сепак се македонски компании кои сакале или не се интегриран дел од ова општество и долгорочно кога веќе остануваат тука треба да најдат начин повеќе да се присутни и допринесуваат за околината.

Корпоративната општествена одговорност не смее да се остава на три или пет фирми во македонска сопственост.

СЕ УШТЕ ИМА ПРОСТОР ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДОДАДЕНАТА ВРЕДНОСТ

Сепак од структурата на производството, а особено од типот на производите може да се констатира дека во нашите фабрики (со чесни исклучоци) се уште доминираат производи со помала додадена вредност. Ова логички допринесува и за помали плати на работниците, но и за немање маневарски простор во поглед на погоре споменатата општествена одговорност.

Затоа кога веќе практично е докажано дека нашите зони се атрактивни за странските инвеститори треба да се интензивира новата (се уште неофицијална) државна стратегија за селекција на фирмите подобни за користење на бенефитите од нашите зони. На таков начин статистиките нема да се зголемуваат само на хартија, туку и ќе се почувствувате во сите останати подкатегории директно зависни од случувањата во зоните.

Поврзани новости