Веќе пет дена во агонија живее семејството на скопјанката Лидија Трајковска (43), која од петокот наутро е исчезната и не се знае нејзината судбина. Како што потврдуваат од МВР за ,,Фокус”, жената се уште не е пронајдена, а истрагата продолжува и денес.
Од таму информираат дека се пребарувал терен околу реката Вардар, бил искористен и дрон за воздушно пребарување по течението на реката, во должина од околу пет километри до село Огњанци. Се пребарала и пошироката околина, како и напуштени објекти.
-Министерството за внатрешни работи презема низа мерки и активности со цел пронаоѓање на исчезнатата Л.Т. (43) од с. Јурумлери, скопско.
Утврдено е движењето на жената, при што од раскрсницата од с. Јурумлери се упатува кон патот кој води кон Драчево.
Во близина на мостот на р. Вардар, при пребарување на теренот пронајдени се предмети (кутија од цигари, запалка и џемпер). Од страна на нејзиниот сопруг препознаени се кутијата од цигари и запалката, односно од негова страна е потврдено дека се нејзини, додека за џемперот се изјаснил дека не е нејзин.
Исто така, од страна на полициски службеници од СВР Скопје извршени се обиколки по течението на р. Вардар, заедно со граѓани и роднини на исчезнатата. Искористен е и дрон во потрагата при што е извршено воздушно пребарување по течението на р. Вардар во должина од скоро пет километри се до с. Огњанци.
Дополнително пребарана е и пошироката околија и напуштени објекти. Потрагата продолжува интензивно и денеска, се до пронаоѓање на лицето, соопштија од МВР.
Лидија е семејна жена, сопруга и мајка. Била вработена во месара во Тинекс маркет, а во петокот наутро кога излегла од својот дом, со себе не понела мобилен телефон, ниту пак лични документи.
Нејзиното семејство за ,,Фокус” раскажа дека станува збор за одговорна жена, и никогаш во минатото не се случило нешто слично.
Апелираа до јавноста, некој ако ја забележи, или пак ако има било каква информација поврзана со неа, веднаш да пријави во полиција.
Вики Клинчарова