Во околината на Могила, некој дебело заработува од одгледување тутун на црно, предупреди денеска потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.
– Вие и знаете дека за овој тип тутун, Вирџинија, нема откупни претпријатија во земјава, а дека според Законот, тутун може да садат само земјоделци кои имаат склучено договор со откупно претпријатие. Не се работи за мали парцели. На десетици хектари земјоделско земјиште противзаконски се произведува крупнолисниот тутун – Тип Вирџинија! Според информации на искусни тутуно-производители, откупот на недозволениот крупнолисен тутун се врши за цена помеѓу 5 и 7 евра за килограм. Тоа е помеѓу 300 и 420 денари за килограм, од овој тутун! На црно – изјави Кирацовски.
Тој ги повика Државниот инспекторат за земјоделство и Министерството за внатрешни работи, да одговорат, дали со нивно знаење се произведува тутун на црно.
– Кој го врши откупот и транспортот на овој тип тутун? Каде завршуваат илјадници тони од тутунот Вирџинија и за што се користи? Кој и колку заработува од нелегалното производство на тутун во околината на Могила, избегнувајќи данок кон државата? Дали можеби лица блиски до владејачката партија се засегнати во овој случај – праша Кирацовски.
Од Министерството за земјоделство веднаш реагираа дека по добиените сознанија од теренот за нелегално производство на тутун, преку Државниот инспекторат за земјоделство изврши неколку контроли во периодот од 05 до 15 септември во атарот на селата Могила и Кукуречани.
– При контролата констатирано е дека има нелегално производство на широколисен тутун на околу 60 хектари, за кој нема склучени договори со откупни претрпијатија. Нелегално производство е пронајдено кај 24 физички лица, на кои согласно Законот за тутун им е изречена казна во висина од 600 евра и им се издади решенија за забрана на производство и пласман на овој тип на тутун. Инспекторите повторно извршија контрола и констатираа дека од 24-те лица, 12 не се придржувале на решенијата за забрана за производство и пласман, поради што на овие лица согласно Законот за тутун ќе им биде изречена казна од 1.500 евра. Во тек е координирана акција со Министерството за внатрешни работи за одземање на нелегалното производство на тутун – информираат од министерството и потенцираат дека СДСМ повторно ја промашиле темата.