Мексико со децении наназад е една од најпопуларните туристички дестинации, во која дури 40 проценти од туристите се од САД. Туристите пак, кои доаѓаат од европските земји, поради високите цени на аранжманите, се најчесто оние со подлабок џеб, бидејќи на пример, нашите туристички агенции ги нудат аранжманите до оваа атрактивна дестинација по цени од над 2.000 евра за лице, за единаесет-дневен аранжман.
Освен по добрата храна, по текила и маргарита, по рајските плажи, како и многубројните фестивали, организирано нуркање, посети на музеи од времето на Мајанската цивизилизација, Мексико помеѓу туристите е познато и по традиционалните ритуали за духовно прочистување. Тие се вистинска атракција помеѓу посетителите, популарни како Курандерисмо, односно мексиканско народно лекување.
Лицата кои се занимаваат со овие ритуали за духовно прочистување и лекување се нарекуваат курандерос, и при ритуалите користат миксови од разни билки со кои им помагаат на посетителите кои се нервозни, депресивни и не можат да спијат, да се изборат да си го вратат својот дух. Според тамошните верувања, со духовно прочистување може да се излекуваат овие состојби.
За време на церемонијата најчесто се користи јајце од кокошка и билки, со кои се поминува низ телото на оние кои дошле да се излекуваат, а потоа јајцето се крши во чаша со вода. Според формата на лушпите на скршеното јајце, курандеросите им ја предвидуваат судбината на посетителите врз кои се врши ритуалот, како и им даваат совети за успех во животот. Цената на ритуалот изнесувала околу 40 долари по лице, но и покрај тоа е неизоставен и многу популарен дел од летувањето на туристите во Мексико.
Кога е пак актуелната пандемија со корона вирус во прашање, во Мексико досега се инфицирале 2.169.007 лица, се излекувале 1.716.135 лица, а починале 195.119 лица.
Според американското ЦДЦ (Centers for disease control and prevention), не е препорачливо да се патува во Мексико овој период, бидејќи со тоа се зголемува можноста за инфицирање и ширење на заразата. На американските граѓани кои се враќаат од Мексико им е наложено да се тестираат три дена по враќањето од патувањето, и дури и ако тестот им е негативен, мора да останат во изолација наредните седум дена.
Која е процедурата за нашите туристи кои се враќаат од Мексико, и дали им следува задолжителен карантин, нема информација. Карантин беше најавен за оние кои се враќаат од Занзибар и африканските земји, каде се шири јужно-африканската мутација на вирусот.
Вики Клинчарова