Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против две лица – П.П. (49) и Г.П. (47) поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело фалсификување или уништување деловни книги.
„Во периодот од 2014 до 2017 година П.П. како член на управен одбор, заедно со Г.П., во својство на акционери во „Машинопромет“ АД Скопје, изготвувале невистинити менаџерски договори на високи парични износи. Севкупната архивска документација на правното лице „Машинопромет“ АД Скопје од траен и привремен карактер печати и штембили и друга деловна документација, иако биле должни по завршување на нивните својства во органите на управување на „Машинопромет“ АД Скопје да им ги предадат на новите органи на управување, тие ги изнеле од просториите на „Машинопромет“ АД Скопје и ги одложиле на две локации во Скопје. По тоа, продолжиле да изготвуваат исправи со невистинита содржина кои ги архивирале во деловодните книги. Вака фалсификуваните деловни документи ги пуштале во правен промет со цел да остварат противправна имотна корист за себе“, соопшти МВР.
Во февруари лани, со невистинита документација изготвена на истиот начин, тие пред Основен суд Скопје II поднеле предлог за поведување стечајна постапка над „Машинопромет“ АД Скопје невистинито прикажувајќи дека наведеното правно лице е должник на правното лице „Дион-Ра“ ДООЕЛ Скопје, кое е во нивна сопственост, со побарување на износ од 32.944.361 денар.