Јавноста секојдневно сведочи на апели од луѓе чии блиски исчезнале и не им се знае судбината. Речиси по неколку такви случаи има месечно, и како што појаснуваат од МВР, големиот дел од случаите се решаваат и се пронаоѓа лицето, живо или починато, но сепак има и исчезнати лица на кои никогаш не им се влегло во траг.
Од друга страна пак, на годишно ниво во земјава се случувало да бидат пронајдени починати лица, на кои им е непознат идентитетот, и по кои никој ниту трагал, ниту пак биле некаде пријавени како исчезнати. Што се случува со оние кои се водат како Н.Н. (непознато име и презиме) и каква е процедурата во таквите случаи, за ,,Фокус” појаснува Анета Стефановска, раководител во АД Бутел Скопје.
-Процедурата е таа, да секое пронајдено починато лице, без утврден идентитет, во било кој крај во земјава, првин се предава на судска медицина. Потоа, се носи во капела во Бутел. Ние годишно имаме од пет до седум такви случаи, кога некое починато лице е пронајдено, дали на улица, во планина, било каде, а кое не е идентификувано. Во капела го чуваме околу шест месеци, во надеж дека некој од фамилијата ќе се јави, ќе го побара. Се чуваат и лични предмети, доколку ги има, на пример часовник, се посветува внимание на лични белези, бемки, тетоважи, било што по кое лицето би било препознато. Ако во тој период од околу шест месеци не дојде никој да го идентификува лицето, тогаш го погребуваме. Имаме социјален дел на гробишта, секој неидентификуван починат се погребува во посебна вреќа, така да нема мешање на коски и слично, и доколку по погребувањето се јави некој од фамилијата, со помош на полиција, отисоци и соодветни процедури, може да се направи идентификација – појаснува Стефановска.
Додава дека имале случаи кога и по пет, па и по десет години откако некое неидентификувано лице било погребано, да се јават роднини и да се изврши идентификација.
-Со помош на ДНК, лични предмети, отисоци и слично, се има случено семејства да си ги идентификуваат починатите, дури и по повеќе години откако тие биле погребани. Од различни причини некои не дошле на време да ги побараат, но има и такви починати, кои никој никогаш не ги побарал. Станува збор за бездомни лица, најчесто повозрасни, а има и мигранти. Неодамна во капела имавме тело на жена, кое по одредено време беше идентификувано, и се испостави дека починатата била по потекло од Србија. Во изминатата 2022 година погребавме четири неидентификувани лица на социјалниот дел во гробиштата – раскажува раководителката.
Вели дека се случува семејства чии блиски луѓе исчезнале да дојдат кај нив и да бараат информации за неидентификуваните тела кои се чуваат во капелата. Вработените секогаш се труделе со огромна доза на разбирање и емпатија да им помогнат на семејствата кои трагаат по свои исчезнати, и да направат се што е во нивна можност.
-Секој кој дошол овде, тоа го прави од голема мака. Се трудиме да им излеземе во пресрет на сите кои трагаат по свои блиски, освен што можат да направат идентификација на телото, се врши препознавање и на лични предмети доколку ги има, но и остануваме во контакт со оние чии блиски не се пронајдени, во случај да се донесе неидентификувано тело кое би одговарало на описот кој го дале семејствата на исчезнатите. Сакам да појаснам дека овде се носат Н.Н. лица од цела земја, не само од Скопје, па доколку некој има исчезнат член на семејството, може и овде да се обрати за информации, со цел да се направи идентификација. Во интерес на сите е да немаме погребани неидентификувани лица, иако сме имале и случаи кога семејствата се оградувале, не сакале да преземат одговорност околу погребување, и тоа најчесто се случува со бездомни луѓе, кои со години пред да починат не биле во контакт со фамилијата – ни изјави Стефановска.
Вики Клинчарова