Во Македонија работат 45% од жените, додека во ЕУ оваа стапка е 70%

by fokus

Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“.

Согласно спроведена анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. За да се подобрат состојбите потребен е холистички пристап во креирање на политики кои ќе го подобрат квантитативното и квалитативното учество на жените во работната сила, а со тоа ќе се придонесе кон економскиот раст и унапредување на животниот стандард, истакнува гувернерката.

Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п.

„Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, истакнува гувернерката.

Гувернерката посочува и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, кој е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, има голем потенцијал кај жените кои не се активни. Оттаму, треба да се преземат политики за нивно активирање на пазарот на труд.

Поврзани новости