Во Македонија дневно се заразуваат од 24 до 72 ученика со коронавирус

by Fokus

Иако во последниот период, голем број ученици се жалат на настинки, главоболки и потешкотии во изведувањето на наставата, од МОН  за „Фокус“ не одговорија дали ќе го сменат делот од протоколите каде се бараат отворени прозорци за изведување на наставата, бидејќи температурите се многу ниски, а следува и зимскиот период.

– Не можеме да јадеме во училница бидејќи не смееме да ја извадиме маската, надвор е ладно, а понекогаш врне и дожд, прозорците се отворени, а професорите не ни доволуваат да ставаме капи, не било пристојно. Сите имаме главоболки, не сме против наставата со физичко присуство, но многу е тешко да се издржи еден училишен ден, вели една средношколка за „Фокус“.

Бројките на новозаразени со корона вирус во училиштата се движат од 0,01 до 0,03 дневно, а активни случаи се 0,26 проценти од вкупно 240 илјади ученици во основното и средното образование кои наставата секојдневно ја посетуваат со физичко присуство, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Министертството за здравство излезе со став дека во моментов не препорачуваат промена на моделот на настава, но дека подготвуваат скрининг на ученици, рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по првиот академски час на Природно-математичкиот факултет на УКИМ.

Овие проценти ако со основни математички операции се претворат во бројки, значат дека дневно се заразуваат меѓу 24 и 72 ученика, а во моментот вкупно се активни околу 624 ученици.

Министерството за здравство на 23 септември засега најави методологијата за спроведување скрининг тестирање за учениците во основните и средните училишта со брзи антигенски тестови за КОВИД-19.

С.Т.

Поврзани новости