Околу 20 илјади лица во Македонија имаат Алцхајмерова болест, а само десет проценти се покриени со терапија, покажуваат проценките на македонските здравствени власти врз основа на светската статистика и старосната структура на населението.
– Навременото дијагностицирање и примање соодветна терапија може значителено да го подобри квалитетот на живот на лицата со Алцхајмер, како и на нивните семејства. Често има пациенти дома кои забораваат и се депресивни, а не се свесни за каква болест се работи, истакнаа денеска министерот за здравство Арбен Таравари по повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест.
Главни симптови на Алцхајмеровата болест е заборавање на скорешни настани, дезориентација во простор и време, проблеми во комункација, промена во расположение и промена во дневната рутина.
Габриела Новотни, лекар од Клиниката за неврологија, апелира семејствата кои имаат лица со вакви симптови да не ги чуваат дома или во домови за стари лица, туку да ги однесат на лекар.
– Со терапијата што ја имаме тука во Македонија може да се влијае на квалитетот на живот како на пациентите, така и на семејството, затоа што оваа болест влегува во домот и не само што ги краде меморијата сеќавањето, спомените на пациентите, ги инволвира сите од семејството со потреба од 24 часовна грижа за нив, изјави Новотни.
Според статистичките податоци во Македонија има над 400.000 лица со над 65 години од кои се проценува дека околу 20 илјади имаат Алцхајмерова болест, а се третираат само 2.000 до 3.000 од нив. Тоа, според ресорниот министер е многу мала бројка. Во државите во соседството како Србија, Хрватска се третираат 40 до 50 проценти.
-И ние треба да ја постигнеме таа цел -потенцира Таравари, посочувајќи дека Алцхајмеровата болест е околу 70 проценти од вкупниот број деменции.
Во Македонија, рече тој, нема специјални установи каде би се згрижувале пациентите кои откако ќе ја добијат терапијата се враќаат дома.
Извор: МИА