Премиерот на Британските Девствени Острови, Ендру Фахи, е уапсен во Мајами поради наводно перење пари и заговор за шверц на кокаин, се наведува во кривичната пријава на американската Управа за борба против наркотици (ДЕА).
Фахи (51) е уапсен вчера на аеродромот во Мајами заедно со генералниот директор на Управата за пристаништа на оваа британска прекуморска територија, се наведува во пријавата, која содржи и опширно сведочење на таен доушник.
Во кривичната пријава, ДЕА наведува дека Фахи се согласил да му дозволи на доушникот, кој се претставил како член на мексиканскиот наркокартел Синалоа, да ги користи пристаништата на Британските Девствени Острови за испорака на кокаин, во замена за 500.000 долари, а документот покажува дека истрагата, врз основа на извештаите и снимките на тајниот доушник, почнала во октомври минатата година.
Премиерот на Британските Девствени Острови побарал помош и за враќање на долгот од 83.000 долари на човек во Сенегал кој, како што рече, му „средил“ некои политички прашања, се наведува во пријавата.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас истакна дека е „шокирана“ од овие обвинувања и укажа на важноста на неодамна завршената Истражна комисија за наводите за корупција и злоупотреба на службената положба на островите.