Во Луксембург, почна со работа првото ЕУ-обвинителство

by Fokus

По години преговори меѓу земјите и институциите на Европската Унија, од денеска за првпат станува оперативно првото обвинителство на ниво на ЕУ, со задача да истражува и гони криминал поврзан со злоупотреба на буџетот и фондовите на Унијата, јави МИА од Брисел.

Главна обвинителка е Романката Лаура Ковеси, која изутринава од Луксембург, каде штo е седиштето на обвинителството, вети дека оваа институција ќе работи за заштитата на основните принципи на ЕУ, како и на буџетот на ЕУ.

-Треба да одиграме суштинска улога за довербата на граѓаните на ЕУ да биде посилна од кога било, изјави Ковеси.

Неколку земји на ЕУ не учествуваат во новото заедничко обвинителство: Данска, Ирска, Полска, Унгарија, додека Шведска најави желба да се приклучи од идната година.

На обвинителството ќе му помагаат и другите релевантни тела, како Европол и ОЛАФ, во гонењето на буџетски криминал во земјите членки. Граѓаните и ентитетите од сега ќе можат да се обратат на едно место во случај на сомнеж за злоупотреба на европските пари, со што треба да се поедностават процедурите.

Еврокомесарката за транспарентност, Вера Јурова, изјави дека ова е историски ден за Европската Унија и потсети дека во 2019 година се пријавени илјада случаи на злоупотреба на ЕУ – пари, во износ од околу 460 милиони евра.

-Со новите алатки за економско заздравување на ЕУ, влогот е поголем од кога било, рече Јурова, и додаде дека ниту едно евро не смее да биде изгубено.

Дидие Рејндерс, еврокомесар за правда, додаде дека ова е ново поглавје во борбата против прекуграничниот криминал во ЕУ.

-Првото супранационално обвинителство стартува со работа за да ги заштити парите на даночните обврзници на ЕУ, надлежно за да истражува и гони криминал како перење пари, корупција и прекугранични даночни измами, рече Рејндерс.

Поврзани новости