Интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град попладнево го зафати кумановскиот регион.
Според фотографиите објавени на социјалните мрежи, во селото Липково паѓало град со големина на орев. Целиот простор е побелен.
Од невремето во Регионалниот центар за управување со кризи – Куманово била пријавена штета на кров од викендица во селото Младо Нагоричане каде имало и уништени родни дрвца, а во липковско биле пријавени штети на земјоделски површини.
Во Куманово, пак поради големата количина на дожд и недостигот на атмосферска канализација водата се слевала по улиците.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираа дека во подрачјето околу Качаничката Клисура и Скопска Црна Гора има значителна нестабилна облачна маса која се движи во правец кон Куманово.