700
Шестнаесет пациенти од Куманово, со компликации од вирусот Ковид -19 болнички се лекуваат на инфективното одделение во општата болница, информираа денеска надлежните. Речиси сите се на кислородна поддршка, бидејќи, како што појаснија лекарите, хоспитализирани се пациенти со средно тешка клиничка слика, оние со полесна клиничка слика се лекуваат во дневната болница, а оние со лесни симптоми се на домашно лекување под надзор на лекари со таблетарна терапија.
-Со оглед на тоа што инфективниот оддел нема многу соби, а доаѓаат пациенти со друга симптоматологија, од утре ќе ја отвориме и модуларната болница. Ако во претходните бранови имавме проблем со простор, сега таков проблем немаме. Благодарение на модуларната болница која ја добивме од Министерството за здравство, има доволно болнички легла, сè што е потребно од опрема. Проблем со овој бран е период на годишни одмори, претходно персоналот не користеше одмори, но сега се користат. Изминативе дена правевме прераспределба од други оддели, гледаме да е персонал кој има искуство од претходните бранови, ни останува да се надеваме дека нема да биде таков нагол скок на заболени, изјави директорката на болницата, д-р Снежана Захариева.
Таа појасни дека сите одделенија во болницата ќе функционираат непречено, вклучително оперативниот и амбулантскиот дел на различните оддели во болницата.