Во кулоарите на Лондонската мировна конференција

by Фокус

На новинарите и на соговорниците на Конференцијата им објаснувам дека не може да се најде демократско и мирно решение за проблемите на Југославија затоа што нема доволно демократи подготвени на компромис. Дека имаме политичари неспособни да најдат демократски излез од кризата, па ги вооружаа луѓето и ги пратија во борба, предизвикувајќи така граѓанска војна.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Во центарот на вниманието, на почетокот од Конференцијата беа препукувањата меѓу претседателот на Србија, Милошевиќ, и премиерот на СР Југославија, Паниќ, богат српски бизнисмен од Америка. Повремени интервенции во овие кавги имаше и претседателот на СР Југославија, Добрица Ќосиќ.

Вербалните пресметки меѓу Милошевиќ и Паниќ беа на толку ниско ниво што предизвикуваа реакции – од вчудовиденост до смеење. Особено беше расположен државниот секретар на САД, Иглбергер, кој се смееше на глас, на кавгите меѓу претставниците на Белград, град во кој службувал како дипломат. Но, што се случуваше во кулоарите?

СРЕДБАТА СО КАРИНГТОН

Вториот ден, во конференцискиот хол се среќаваме со, веќе можам да речам, нашиот пријател, лордот Карингтон. Јас му приоѓам да се поздравиме. Со насмевка на строгото лице, ме прашува „Уште ли си министер за надворешни работи“.

„Да, не сакаат да ме пуштат“, велам. Тој одговара: ,,Тоа е добро“. Приоѓа и претседателот Глигоров и му се заблагодарува на говорот од претходниот ден кога Карингтон кажа убави зборови за Македонија. На шега, вели: „Па, еве жив сум. Грците не ме отепаа – сѐ уште!“.

Коментирајќи ја целата ситуација околу колежот во Босна, а можеби мислејќи на новата конференција, која од „европска стана „светска“, вели: „Ова е лудило“. Одеднаш се појавува министерот за надворешни на Словенија, Рупел, кој „се турка“ во разговорот.

Обраќајќи му се на лордот Карингтон, прашува: „Како сте?“. „Не баш најдобро“, одговара Карингтон. Рупел одново навалува: ,,Што се случи вчера, што одлучивте?“. Карингтон кусо му одговара и повторно се свртува кон нас.

Се враќа на темата и ни вели: „Тоа што се случи во Лисабон е ужас. Мастрихт е виновен за сѐ. Прво Данците, потоа Грците, би било премногу“, го коментира противењето на првите и условувањето на вторите со судбината на договорот од исклучителна важност за ЕЗ.

„Всушност, вели, не сакаа да падне владата на Мицотакис, а Папандреу да се врати на власт“. Ни вели дека останува во Комитетот за насочување на Лондонската конференција и обраќајќи му се на претседателот Глигоров, му вели: ,,Организирам ручек за шефовите на делегациите, потоа, покажувајќи со поглед кон мене, му вели: „Ми се допаѓа, но не можам да го поканам зашто тоа би било преседан“.

На заминување ни вели: ,,Мораме да одиме на ручек некој ден“. Тоа беше мојата последна средба со лорд Карингтон. Иако хуморот не го издаваше, лордот Карингтон ми изгледаше како најосамениот човек на Конференцијата.

Овој голем британски државник, како што е наречен од своите сограѓани, во предвечерјето на Лондонската конференција, разочаран од поведението на државите-членки на ЕЗ, пред сѐ од поведението на Германија, и самиот поднесе оставка на својата функција.

За него, Лондонската конференција беше крајот на трката. Јас продолжив да трчам – до мојот крај.

„МАКЕДОНСКИ КОРДОН“ НА ГРЧКИОТ МИНИСТЕР

Средбата со Робер Бадентер се случи во текот на ручекот. Бев седнат на масата, кога ми пријде со чинија во рака. Се поздравивме.

Сѐ уште под импресија од шоковите од Лисабонската декларација, со која државите-членки на ЕЗ се обидоа да ја поништат, за нас, славната одлука (или, подобро кажано „правно мислење“) на Бадентеровата комисија, му велам: „Дали знаете дека станавте нешто како национален херој во Македонија?“.

Тој, пак, мислејќи на Лисабон, ми вели: „Тоа што го направија е бесрамно“. „Вие не знаете дека поднесов оставка поради тоа?“, велам за да ја драматизирам ситуацијата на која воопшто не ѝ требаше драматизирање.

„Гледајте, за принципите и за правото мора да бидете цврсти како мермер…“, вели. „Мислите ли дека имаме некакви шанси со правото во толку неправеден свет?“, го прашувам. „Сигурен сум, само бидете цврсти“, рече, ја зеде чинијата и замина. Настаните што следеа јасно го покажаа односот меѓу правото и политиката во меѓународните односи.

Седнати на конференциската маса, со претседателот Глигоров, ја баравме со поглед грчката делегација. Ја предводеше новиот министер за надворешни работи, стариот пријател на Мицотакис, Папаконстантину. Му предложив на претседателот, при првата пауза да му ја „блокираме“ излезната врата и да го „принудиме“ на разговор.

Речено, сторено. Папаконстантину немаше каде да бега, одеше директно на нас. Исчекорив напред со испружена рака и така, поздравувајќи се, го повлеков кон претседателот Глигоров за да се поздрават. Како и секој принуден разговор, и овој траеше кратко.

Го прашуваме зошто ја заоструваат ситуацијата и зошто одбиваат да разговараат со нас. Му велам нешто како, нема проблем што не можеме да го решиме со дијалог и разбирање на позицијата на другиот, или на тоа слично.

Вознемирен, повторува повеќепати „…на пониско ниво, да зборуваме на пониско ниво прво, а потоа…“. И грчката делегација на чело со Папаконстантину го проби „македонскиот кордон“. Стравот дека ќе бидат забележани во разговор со нас или, не дај Боже, од сликите што можеа да осамнат утредента во грчкиот печат, го стори своето.

Подоцна, откога им помина паничниот напад од ненадејната средба, двајца членови на грчката делегација смирено и со насмевка на лицето ми пријдоа за да ме уверат дека дијалогот меѓу нас е важен, но дека треба да почне на некое пониско ниво. Папаконстантину не го видовме повеќе.

„БРАТСТВО И ЕДИНСТВО“

Се свртевме кон агендата на Конференцијата на која се поставуваа многу прашања и се бараа многу одговори. Такви прашања поставуваа и новинари од целиот свет.

Во многубројните интервјуа, се обидувам да одговорам на навалица на прашања. Објаснувам какви чекори треба да преземе Лондонската конференција за војната во Босна и Херцеговина, да не се прелее во Македонија и во Косово.

Велам дека Србија го сноси најголемиот дел од одговорноста за конфликтот поради политиката на насилно исцртување на границите на Голема Србија.

Поставувам реторичко прашање: ,,Дали разноликото население одбива да живее заедно или конфликтот е предизвикан од политичарите“. Објаснувам дека примерот на Македонија покажува дека умереноста кај политичарите од различни етнички заедници произведува мир.

Подвлекувам дека во отсуството на демократското искуство кај граѓаните и кај политичарите, исклучително е важно политичкото водство да стреми кон демократија, која подразбира компромис и толеранција.

Предупредувам дека ако демократијата е, над сѐ, состојба на умот, тогаш пред себе имаме долг пат до добри меѓуетнички односи. Потсетувам на парадоксот дека најчесто употребуваната максима на социјалистичкиот еднопартиски систем на Тито, како водач, беше „братство и единство“.

Но, дека тоа беше произведено со сила и не беше производ на слободното приспособување на интересите, погледите и вредностите на етничките групи. Дека репресијата и силата нѐ бранеа од национализмот, па луѓе одеа и во затвор за пеење националистички песни.

Објаснувам дека во моментот кога колабираше еднопартискиот систем, кој ја користеше репресијата како метод за разрешување на општествените конфликти, демократски неподготвеното население стана лесен плен на националистите.

Така, гласајќи за нив, луѓето ги инсталираа националистите на власт, давајќи им и демократски легитимитет. Националистите, пак, чие разбирање на политиката е „сѐ или ништо“, не можеа да произведат мирни демократски решенија за нашите проблеми, особено за етничките.

На новинарите и на соговорниците на Конференцијата им објаснувам дека не може да се најде демократско и мирно решение за проблемите на Југославија затоа што нема доволно демократи подготвени на компромис.

Дека имаме политичари неспособни да најдат демократски излез од кризата, па ги вооружаа луѓето и ги пратија во борба, предизвикувајќи така граѓанска војна. Се поставуваат нови прашања.

Како да се справиме со новите теми што ги наметна национализмот? Каква е позицијата на Република Македонија во кризата во Југославија? Какво е значењето на Конференцијата за Југославија? Кои се резултатите од Бадентеровата комисија?

Дали го слушам ехото на политиките од деветнаесеттиот век меѓу државите-членки на ЕЗ? Која е позицијата на САД, на Грција, на Германија? Која е позицијата на Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Босна, Унгарија…? Кои се нашите аргументи, а кои се аргументите на Грција?

Што има толку важно во името „Македонија“? Кое е значењето на Лисабонската декларација, која „Фајненшел тајмс“ ја прогласи за најглупавата политичка одлука во 1992 година? Одговарам најдобро што знам.

(Продолжува)

Поврзани новости