Во Кривичен денеска рочишта за четири предмети на СЈО

by fokus

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат рочишта за ќетири предмети на Специјалното јавно обвинителство – Тортура“, „Тенк“ издоена постапка за Гордана Јанкулосска, „Титаник“ и „Титаник 3“.

На „Тортура“ треба да се слушаат 35 дополнителни аудио снимки, на кои по барање на обвинителката Лиле Стефановска, јавноста ќе биде исклучена поради можна повреда на приватноста. „Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори. Во овој предмет обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Во Кривичниот суд треба да продолжи судењето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во раздвоената постапка за случајот „Тенк“ на СЈО.

На претходните рочишта беа сослушани сведоци, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година. Сведоците сослушани на досегашните рочишта во раздвоената постапка во случајот „Тенк“, се сослушани и во случајот кој веќе заврши со обвинителна пресуда од две години затвор за поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото и шест години и шест месеци затвор за поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Треба да продолжи и судењето за „Титаник“. Минатото рочиште беше одложено поради болест на обвинетиот Мартин Протуѓер. Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Во „Титаник 3”, пак, обвинети се пратеникот на ДУИ Ејуп Алими и Исмет Гури за изборни нерегуларности во Чаир.

Поврзани новости