Во Крива Паланка се работи на санација на штетите по синоќешните поплави предизвикани од обилните врнежи. Поради излевање на Крива река дел од селата се отсечени од градот и не е дозволен сообраќај по овие патишта.
Службите од општината се на терен, се превземаат сите мерки и се расчистуваат штетите од поплавите. Авто мото сојузот на Македонија синоќа информираше дека поради свлечиште целосно е во прекин сообраќајот од Крива Паланка до село Луке во двата правци
Крива Река и Киселичка Река вечерва се излеаја и предизвикаа големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните, а селото Т’лминци со над дваесетина жители е отсечено.
Општинските служби информираа дека со пумпи се врши испумпување вода во неколку куќи кај местото викано Тополки кај населбата Мизовски Ливади, а кај градскиот базен постои опасност од излевање на реката.
Водите на Крива Река однесоа повеќе пешачки мостови кај Пашина Воденица, а т.н. Карчов Мост, спроти градскиот пазар, е залеан во коритото на реката.
„Во овие кризни моменти да останеме смирени, да бидеме единствени и сполотени за помош на граѓаните, за решавање на проблемите. Време е на човек за човек! Ниту еден човек,наш сограѓанин да не биде во мака. Со петни жили ќе работиме… Нашата Крива Паланка ќе биде повторно најубав, најзелен и најрасцветан град . Градот убав пак ќе сјае, упатуваме молитви до светците-закрилници на Општина Крива Паланка, св.Јоаким Осоговски и св.Јоаким Крчовски, објави синоќа градоначлникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.