Општина Крива Паланка во изминативе две години, откако на чело на градот е Сашко Митовски, стана синоним за најбајковито украсен град за време на новогодишните празници, каде се нуди богата културно-уметничка програма.
Но, годинава и покрај украсувањето и забавната програма, која ќе започне во вторник, 27-ми декември и ќе трае до 31-ви декември, сепак организиран дочек на Новата 2023 година, ќе нема.
Како што појаснува градоначалникот Митовски за ,,Фокус”, и во годините наназад во градот не се организирал дочек на плоштад. Исто така ќе немало дочек ниту во угостителските локали, бидејќи градот на некој начин се празнел и речиси сите заминувале на страна.
-Скептик сум дали би имале луѓе на плоштад, бидејќи никогаш не се организирал дочекот. Луѓето најчесто заминуваат на страна и Крива Паланка се празни за Нова година. Но, затоа предновогодишната програма која ќе трае неколку дена е навистина богата – појаснува тој.
Во вторник од 19 часот започнуваат настапите на Тајфата и ДНК, во среда на Браво Бенд и Слаткар, во четврток Артист Бенд и Лозано, во петок Брас Брадрс и Некс Тајм, во петок од 12 часот програма за најмалите со Дедо Мраз, децата од Дајте музика и жонглерот Дарко, а во сабота од 12 часот Пајак и Распеано симитче.
И минатата година Крива Паланка блескаше празнично, и имаше празничен базар и забавна програма. Тогаш од општината појаснија дека украсувањето изнесувало околу 400.000 денари. Годинава пак, за украсувањето не бил потрошен ниту денар од буџетот, бидејќи голем број на општествено одговорни компании и иселеници од Крива Паланка решиле да дадат свој придонес во китењето на градот.
Вики Клинчарова