Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во владата ги кажа последните статистички податоци околу опасниот вирус Ковид 19, но нагласи дека има и стагнација на вакцинацијата во земјава.
„До крајот на оваа недела ќе заврши секвенционирањето на вирусот и да видиме која мутација е сега присутна. Во моментот вакцинацијата е во стагнација. Околу 5.000 деца се вакцинирани од 12 до 18 години. 23 деца се хоспитализирани во Козле, од кои само две деца се на кислородна поддршка. Има заразено и едно двомесечно бебе – вели Филипче.
Тој додаде дека стигнале 40.000 вакцини за сезонски грип .
„Нема никаков ризик ако вакцината за сезонски грип и против корона се примаат во истиот период, истакна Филипче.
Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во петок, соопшти министерот.
На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на ковид-состојбата во земјата, но Филипче лично смета дека нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.