Во Косово запленети над 90 килограми марихуана наменети за соседните земји

by Fokus

 Косовската полиција конфискува 91 килограм марихуана во акција спроведена синоќа во селото Конушевц, во близина на Подујево, при што уапси едно лице, а ја продолжува потрагата по уште тројца други осомничени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на полицискиот оддел за борба против дрогата, Решат Мурсели попладнево на прес-конференција изјави дека запленетата дрога во Косово е внесена од Албанија, а била наменета првично за соседните земји, а потоа за европските држави.

Мурсели информира дека при акцијата, која била подготвувана подолго време по претходно прибрани оперативни податоци, полесно бил повреден еден полицаец, а од страна на припадниците на полицијата биле испукани два куршуми, од кои не настрадал никој.

– Осомничените не ја испочитуваа наредбата на полицијата да запрат, туку го зголемија интензитетот на нивното движење со возилото, при што предизвикаа судир, нанесувајќи лесни повреди на еден истражител и предизвикувајќи материјална штета на полициското возило… Сомнителното возило со германски таблички се запре околу 200 до 300 метра од местото на настанот, а осомничените излегоа од него и успеаја да побегнат. При контрола на возилото на лице место, полицијата откри и конфискува 36 пакувања со наркотична супстанца, со вкупна тежина од 91 килограм, изјави Муресели.

По извршениот претрес во неколку куќи за кои постојат сомневања дека осомничените ги користеле за нелегалната трговија со дрога, уапсено е едно лице, додека по тројца други е распишана потерница.

Поврзани новости