Од страна на косовското министерство за внатрешни работи во текот на минатата недела од слобода се лишени лицата Бесим Красниќи и Точи Фадил кои се барани по потерница издадена од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за извршени тешки кривични дела, објави на својот фејсбук профил, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
„ Акцијата за приведување на двете лица е реализиранa во непосредна соработка и комуникација помеѓу ИНТЕРПОЛ во Приштина и полициските службеници од Министерството за внатрешни работи во нашата земја. Согласно информациите со кои располагам понатамошната постапка за екстрадиција ја координира Министерството за правда. Министерството за внатрешни и работи и понатаму ги презема мерки и активности за целосно и неселективно спроведување на законот – напиша Чулев.
На сајтот на МВР, покрај Агим Красниќи стои и потерницата распишана по неговиот брат Бесим Красниќи, кој е осомничен за повеќе дела и досега осуден на 28 и пол години затвор.
Фадил Точи е познат како дел од криминалната група на Агим Красниќи.
Тој бил уапсен во 2009 година заедно со Красниќи, осуден за повеќе кривични дела, како што се тероризам, убиство во обид, напад врз полицајци, тешка кражба, разбојништво , изнуда, фалсификување и други дела.